Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за телевизијата „Фокс њуз“ изјави дека го почитува рускиот претседател Владимир Путин, но тоа не значи дека двајцата добро ќе се разбираат, пренесоа ТАСС и ДПА.
Во интервјуто, чии делови беа објавени синоќа, водителот Бил О’Рајли го праша Трамп дали искажува почит кон Путин.
– Навистина го почитувам, но јас почитувам многу луѓе. Тоа не значи дека со него ќе се нагодувам. Дали со него ќе се разбираме? Немам идеја – одговори Трамп во интервјуто, кое ќе се емитува подоцна.
– Кажувам дека е подобро да се разбираме со Русија, отколку да не се разбираме . И доколку Русија ни помогне во борбата против Исламска држава, што е важна борба, и против исламскиот тероризам низ целиот свет – тоа ќе биде добро – продолжи Трамп.
– Но, тој (Путин) е убиец! – извика водителот.
– Има многу убијци. И ние имаме многу убијци. Што си мислите? Дека нашата земја е толку невина? – возврати Трамп.