ВМРО-ДПМНЕ со писмена реакција одговори на прес конференцијата на Петре Шилегов во која што тој се побуни против тоа што пратеници од ВМРО-ДПМНЕ истовремено се и министри и имаат поднесено по два анкетни листови.
„На Петре Шилегов треба да му биде одземена дипломата. Дури и студент од прва година на Правниот факултет го има прочитано и го знае Уставот.
Уставот веројатно го знаат и го прочитале и Владо Бучковски и Радмила Шеќеринска, но изгледа не сакаат да му го кажат на Петре Шилегов.
За да нема дилеми во јавноста, а да му биде појасно и на Шилегов, согласно членот 93, став 5 од Уставот на Република Македонија постоечката Владата на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада. Следствено на тоа, Претседателот на Владата и министрите кои се избрани за пратеници во Собранието на Република Македонија продолжуваат да ги извршуваат своите должности како членови на Влада се до избор на нова Влада.
Ваков континуитет имаше Владата на која мандатот и престана поради распуштање на Собранието на Република Македонија до изборот на новата Влада во 2011 и во 2014 година, каде новоизбраните пратеници како членови на Влада ги извршуваа своите должности согласно Закон за Влада, односно до избор на нова Влада на Република Македонија во 2011 и 2014 година по спроведените предвремени парламентарни избори.
Ваков континуитет имаше и Владата од 2006 година во која што Владо Бучковски беше и Претседател и пратеник, а Радмила Шекеринска учествуваше на седниците на Владата, иако исто така беше избрана за пратеник. Функционерите на СДСМ тогаш ги извршуваа должностите се додека не ги предадоа кабинетите откако беше формирана новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ, а тие се преселија во Собранието како пратеници на поразениот СДСМ“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.