Присуството на македонска делегација на почетокот на работите за изградба на гасоводот Јужен тек зборува за реалните и потенцијалните можности за соработка со Руската Федерација, изјави Сергеј Икоников, претставникот на „Газпромекспорт“ во Македонија.
– Ја поканивме Македонија да учествува на церемонијата како реален и потенцијален партнер, кој се уште нема потпишано договор со Русија, рече Икоников.
Осврнувајќи се на руско-македонската соработка во областа на гасот, нагласи, дека вклучувањето на Македонија во Јужен тек е логично и неопходно. – Без тоа невозможна е реализацијата на зацртаната програма во областа на енергетиката и развојот на Македонија заради ниската пропусна моќ на единствениот постоечки гасовод што го има земјата, посочи Икоников.
Во моментов, додаде, руската страна го разгледува македонското барање за корекција на проектот и за вклучување во Јужен тек.
Вклучувањето на Македонија во Јужен тек е договорено на 3 јули годинава во Нижни Новгород за време на 6. заседание на Мешовитата руско-македонска меѓувладина комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка. Останува уште да се склучи меѓудржавен договор за конечно вклучување на Македонија во Јужен тек.