Премиерите на Велика Британија и Турција Тереза Меј и Бинали Јилдирим разговарале за борбата со тероризмот за време на нивниот едночасовен разговор денеска во Анкара.
На заедничката прес-конференција по средбата, Јилдирим наведе дека двете земји планираат да потпишат договор за слободна трговија, откако Велика Британија ќе ја напушти ЕУ.
– Ќе ги развиваме нашите односи независно од Европската унија, нагласи турскиот премиер.
Тој посочи дека на средбата било разговарано и за борбата против терористичките организации.
Јилдирим потенцира дека, двете земји се истомисленици во оваа борба и планираат да ја активираат.
Разгледани биле исто така и можностите за обезбедување на уште поголема безбедност на аеродромите, а двете земји планираат во текот на оваа година заеднички вежби на службите за цивилна воздушна пловидба.
Премиерите на Турција и Велика Британија се размениле мислења и за кипарскиот проблем и кризите во Сирија и Ирак.
Тереза Меј ги окарактеризирала односите на Велика Британија со Турција како витални, јави турската телевизија „НТВ“.
– Турција обезбедува голема поддршка во борбата против тероризмот, истакна таа, споменувајќи ги заканите за оваа земја кои потекнуваат од тероризмот.
Во однос на кипарското прашање Меј изрази надеж дека ќе биде постигнат договор во скоро време.