Британската премиерка Тереза Меј денеска пристигна во Белата куќа на прва средба со американскиот претседател Доналд Трамп, во надеж дека ќе ги обнови специјалните врски меѓу Велика Британија и САД.
Премиерката Меј беше пречекана од Трамп, по што почнаа разговорите во Овалната соба, во која Трамп ја вратил бистата на Винстон Черчил, која претходно ја отстранил Барак Обама, јави Би-Би-Си.
Таа претходно се запиша во книгата на Белата куќа, како прв странски лидер кој тоа го сторил откако новата администрација ја презеде должноста.
На врвот на агендата на Меј се подготовки за нов трговски договор меѓу САД и Велика Британија, откако Лондон ќе се повлече од ЕУ. Таа со Трамп разговара и за безбедносните предизвици, вклучувајќи ги Русија, Сирија и исламистичкиот тероризам.
По средбата, Трамп и Меј одржаа заедничка прес-конференција на која што кажаа дека и двајцата биле целосно посветени и дека го поддржувале НАТО.
Трамп ја потврди поддршката за одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ, истакнувајќи дека „слободна и независна Британија е благослов за светот“.
Тие потенцираа дека ќе работат за заживување на трговските односи меѓу нивните земји, при што Меј изјави дека се надева оти сличен договор со Вашингтон ќе омекне ефектите од Брегзит.
Меј исто така кажа и дека Доналд Трамп ја прифатил поканта од британската кралица да ја посети Велика Британија покасно оваа година.