Значително е намалено производството на мед минатата година во Куманово. Тоа, како што соопшти денеска здружението „Пчела“, резултира со зголемена цена за дваесетина проценти која сега се движи од 350 до 400 денари за килограм.
Според претседателот на здружението Часлав Ристовски, добиени се пет до седум килограми по пчелно семејство што е значително намалување во однос на претходните години.
– Причина за намалување на произвоството се лошите временски услови во екот на пашата на пчелите, особено при карјот на мај и јуни лани кога беше дождливо и студено, а потоа следуваа неколку дена есктремно високи температури кои исто така беа неповолни за количината на нектарот во природата, рече Ристовски.
Во Куманово има приближно 8.000 пчелни семејства, но просекот се прави врз основа на 70 проценти од постоечките така што од околу 5.600, лани пчеларите извадиле околу пет до седум килограми мед од пчелно семејство. Во најдобри години од стационарно пчеларство се собирале 20 до 30 килограми мед по пчелно семејство, додека од селидбено пчеларство 50 до 60 килограми.
– Климатските промени силно влијаеа врз производствто на мед, не само во Македонија, туку и на Балканот и во Европа, нагласи Ристовски.
Здружението „Пчела“ и годинава ќе продолжи со тековни активности кои вклучуваат едукација на членовите за поуспешно производство.
Во Куманово има приближно 200 производители на мед.