Македонија со 37 поени е позиционирана на 90. место на листата од 176 земји во светот според индексот на перцепција на корупцијата за 2016 година, што го објави денеска Транспаренси интернешенл.
Македонија годинава има пад од пет поени во однос на 2015. Резултатот заснован на седум нови истражувања укажува на тоа дека корупцијата е согледана како сериозен проблем за развој на економијата, за владеење на правото, за странски инвестиции и за стабилна демократија, вели претседателката на ТИ Македонија Слаѓана Тасева.
Од земјите во регионот Словенија со 61 поени е на 31. место, Хрватска е на 55. место со 49 поени, Црна Гора со 45 поени е на 64. место, Грција на 69. со 44 поени, Србија на 72. со 42 поени, Бугарија и Турција на 75. со по 41 поен, Албанија и БиХ на 83. со по 39 поени, а Косово на 95-то место со 36 поени.
Најмалку корупција според Транспаренси интернешнл има во Данска и Нов Зеланд со по 90 поени, Финска со 89, Шведска 88, Швајцарија 86 и Норвешка со 85 поени, а најмногу во Сомалија со 10 и Јужен Судан со 11 поени, Северна Кореја со 12 и Сирија со 13 поени.
Според извештајот на Транспаренси интернешенл ниту една земја во светот не е блиску до идеален резултат на Индексот на корупција за 2016 година и речиси две третини од вкупно 176 земји и територии во годинешниот индекс се во втората половина. Глобалниот резултат изнесува 43 поени, а на регионот на Источна Европа и Централна Азија 34 поени.
Регионот на Европа и Централна Азија, каде се наоѓа и нашата држава, бележи стагнација и нема поголеми промени на овогодинешниот индекс на корупција, но како што се наведува во извештајот, стагнацијата не значи дека борбата против корупцијата е подобрена, туку напротив е влошена.
Во регионот на Западен Балкан, во извштајот на Транспаренси интернешенл, се наведуваат слабости во спроведување на законот и заробеност на политичките системи во кои политичарите имаат големо влијание во сите сфери на јавниот живот, додека уживаат блиски врски со богати бизнисмени и организирани криминални групи.
Индексот на прецепција на корупција се мери со скала од 0 до 100 при што 0 е највисок степен на корупција, а 100 најнизок и претставува збир на податоци од повеќе различни извори кои ги претставуваат перцепциите на бизнисмените и експертите на нивото на корупција во јавниот сектор во земјите. За изработка на Индексот за 2016 година во Македонија се применети седум различни извори на податоци од различни институции кои ги опфаќаат согледувањата за корупција во последните две години.