Републиканецот Роберт Адерхолт денеска стана 19-от конгресмен, кој и се приклучи на Конгресната група пријатели на Македонија во американскиот Конгрес.
Како што информира Обединетата македонска дијаспора, конгресменот Адерхолт го служи неговиот осми мандат претставувајќи ја четвртата изборна едниница на Алабама во американскиот Конгрес. Тој е конгресмен од 1997 година. Член е на американската Хелсиншка комисија, основана во 1976 година, која има за цел да ги следи човековите права во централна Азија и Европа. Адерхолт е член и на моќната Комисија за буџетско распределување, а комисијата има јурисдикција и над финансиите за работата на федералната Влада. Тој е претседавач на Поткомитетот за домашна безбедност, а исто така е член и на администрацијата за земјоделство, рурален развој, храна и лекарства, како и на подкомитетите за трговија, правда и наука.
– Голема чест е да се има конгресменот Адерхолт, кој е долгогодишен пријател на Македонија во Конгресната пријателска група за Македонија. Тој е силен поборник за членството на Република Македонија во НАТО и ние со нетрпение очекуваме да соработуваме со него за Македонија конечно да го заземе своето место во Алијансата, изјави претседателот на ОМД Методија Колоски.
Конгресната група пријатели на Македонија служи како тело за одржување и зајакнување на односите помеѓу Соединетите Американски Држави и Македонија. Во март годинава, Конгресната пријателска група за Македонија го иницираше испраќањето писмо потпишано од страна на 54 членови на Конгресот, вклучувајќи го и конгресменот Адерхолт, до претседателот Барак Обама барајќи од него да го поддржи членството на Македонија на НАТО Самитот во Чикаго.
На две расправи во Конгресот оваа година, конгресменот Адерхолт изрази поддршка за проширувањето на НАТО, како и за вклучувањето на Македонија и земјите од западен Балкан во Алијансата. Тој ја оспори американската администрација, високи функционери и тинк-тенк експерти за влијанието што пресудата на Меѓународниот суд на правдата ја има во полза на Македонија за членство во НАТО.