Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 10 години инвестираше над една милијарда евра во земјоделството. Овие пари го помогнаа, модернизираа и подигнаа квалитетот на секторот, рече денеска на прес-конференција Емилија Трајковска.
Според неа, напредокот и модернизирањето на земјоделскиот сектор е една од основните цели и политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Правејќи паралела на состојбите во земјоделството и аграрните политики пред и по 2006 година, Трајковски најави дека во април 2017 ќе стартува новиот проект кој нуди 80 отсто државна поддршка за системи „капка по капка“ и за ископ на нови бунари.
– Владата на ВМРО-ДПМНЕ му даде шанса буквално на секој земјоделец кој сака да се занимава со земјоделство. Од 2006 до 2016 година ВМРО-ДПМНЕ преку 100-тина јавни огласи и повици додели над 65.500 хектари земјоделско земјиште и тоа на над 9.000 земјоделци кои прв пат добија шанса од државата да произведуваат. , истакна Трајковска.
Преку 90.000 земјоделци на годишно ниво ги користат земјоделските субвенции, а тоа се, рече, 90.000 семејства кои добиваат помош од државата за нивниот вложен труд.
– Разликата во земјоделската политика со СДСМ е очигледна. Кога тие беа на власт, за земјоделците се двоеја пет милиони евра и тоа само една година. Пред 2006-та не секој имаше шанса да добие државно земјоделско земјиште. Само околу 400-тини фирми и олигарси блиски до СДСМ имаа привилегија да ги користат државните земјишта. Ова, обичниот земјоделец не му го заборава на Социјал-демократскиот сојуз, подвлече Трајковска.
Според неа, во нивно време земјоделската гранка беше на најниско можно ниво од цела Европа, а денес, по 10 години, ситуацијата е драстично променета. – Имаме успешни приказни на земјоделци кои веќе 10 години ги користат мерките и помошта од Владата на ВМРО-ДПМНЕ зашто ВМРО-ДПМНЕ знае што му е потребно на земјоделецот. ВМРО-ДПМНЕ е секојдневно меѓу земјоделците и се бори за решавање на секој нивен проблем. Земјоделците тоа го знаат најдобро. Тоа е нашата одговорност, посочи Трајковска на прес-конференцијата.
Во врска со предвидената поддршка за „капка по капка“ и ископување нови бунари, објасни дека е наменски воведена за да им помогне на земјоделците да остварат поголем приход. Благодарение на помошта што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ, инвестицијата ќе ја повратат, напомена, уште во првата година.
– Начинот на кој се грижи ВМРО-ДПМНЕ за земјоделците е јасно видлив и препознаен од земјоделците. ВМРО-ДПМНЕ и во иднина ќе продолжи да го помага земјоделството, бидејќи тоа е моторот на стопанството во нашата држава, потенцира Трајковска.