Приврзаници и противници на египетскиот претседател Мохамед Морси се судрија денеска пред претседателската резиденција во Каиро, гаѓајќи се со камења и други предмети.
Поддржувачите на претседателот ги урнаа шаторите на противниците на Морси, кои вчера започнаа мирен протест поради зголемените ингеренции на претседателот и неговата одлука за одржување референдум за новиот устав, кој според нив не ја претставува целата нација.
Претходно, денеска раководството на „Муслимански браќа“ ги повика своите приврзаници да организираат собир во поддршка на Морси и неговите укази. Телевизијата „Ал Арабија“ објави дека потоа лидерите на движењето побарале да се организира „марш на милионите“ против светските сили во земјата.
Опозицискиот лидер Мохамед ел Барадеј на социјалната мрежа „Твитер“ напиша дека Морси треба да ги заштити демонстрантите пред претседателската палата, доколку сака да го испочитува „она што му остана од легитимноста“. Тој ги обвини приврзаниците на претседателот за „ужасен напад“ врз мирните демонстранти.
Засега нема информации за евентуални жртви во судирите.
Во меѓувреме, египетскиот потпретседател Мохамед Меки истакна дека и покрај протестите референдумот за нацрт уставот ќе се одржи на 15 декември, како што е предвидено. Тој на прес-конференција во претседателската палата нагласи дека треба да биде постигнат консензус.
– Постои реална политичка волја сегашниот период да заврши и да се одговори на барањата на јавноста, нагласи Меки.
Египетскиот потпретседател очекува наскоро да се започне дијалог и да биде одговорено на барањата на опозициските демонстранти.
Морси синоќа ја напушти претседателската палата по судирите меѓу полицијата и демонстрантите, но утрово се врати. Египетската полиција употреби солзавец врз 100.000 демонстрантите кои се обидуваа да стигнат до претседателската палата во Каиро. Во вчерашните протести повредени се најмалку осум луѓе.
– Морси утрово се врати на работа во претседателската палата, потврди неговиот советник.