Центарот за научни истражувања и промоција на културата „ХАЕМУС“ од Скопје ја почна својата правна процедура во УНЕСКО, како советодавно тело од Република Македонија за нематеријално културно наследство.
Директорката на „ХАЕМУС“ Василка Димитровска истакна дека од 2012 година со дозвола од Националната комисија за УНЕСКО при Министерството за култура на Република Македонија, како една од филијалите на организацијата, почна да функционира УНЕСКО Клубот ХАЕМУС.
– Во рамките на овој клуб, Хаемус има организирано голем број активности во форма на јавни предавања, конференциии, работилници, изложби и едукативни тури со цел поголема промоција на севкупното културно наследство, најчесто под мотото на УНЕСКО за „Отворени образовни ресурси“. Од 2013 ХАЕМУС е активно вклучен во промоцијата на мартинките. Истата година обичајот за Денот на Баба Марта под работно име „Културни обичаи поврзани со 1 март” преку мултинационалната апликација од страна на Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија е предложен да се постави на листата на светско нематеријално наследство на УНЕСКО, рече Димитровска.
Обичајот, како што нагласи, се уште живее во Македонија, во сите делови, посебно во Пијанец, Делчевско, каде старите жени знаат да ги изненадат своите внуци изработувајќи мартинки од црвен и бел конец што претставува еден посебен обичај полн со традиции и верувања за мартинките како своевидни амајлии.
Таа додаде дека македонскиот дел од апликацијата меѓу другото во голем дел се темели и на поддршката која во писмена форма ја даде тимот на ХАЕМУС, а потоа центарот беше иницијатор, организатор и домаќин на голема меѓународна патувачка изложба насловена како „Културни обичаи на Балканот – Денот на Баба Марта“. Изрази благодарност до државниот и приватниот сектор, како и до сите институции, организации и компании кои помогнале да се реализираат активностите на ХАЕМУС во изминатите години.
– Особено акцент е ставен на оние активности кои се однесуваат на нематеријалното културно наследство на Република Македонија, традициите, обичаите, ритуалите и верувањата на народот, за да можат да се запишат, менаџираат, организираат, публикуваат, популаризираат и да бидат јавно достапни на интернет, потенцираше Димитровска.
Според неа, ХАЕМУС во изминатите години на повеќе начини покажал дека се грижи за нематеријалното културно наследство на Република Македонија и го негува во духот на традицијата, во сите облици и начини кои би придонеле за неговата поширока промоција.