Снег, дожд, ветрови некаде и со орканска јачина и температури во минус повторно ги зафатија земјите од регионот.
Во одделни делови на Хрватска повторно во сила е црвен метеоаларм. Далмација е целосно отсечена, ветер дува со 200 километри на час, па граѓаните се предупредени без потреба да не тргнуваат на пат. Најлошо е на Кварнер, Истра и северна Далмација, пренесува Танјуг. Поради снегот издаден е жолт метеоаларм во цела Хрватска, додека за Кварнер, Истра и северна Далмација во сила е црвен.
Метеоаларм предупредува дека во подрачјето на Риека се очекува бура со оркански удари, каде брзината на ветрот ќе достигне и до 145 километри на час.
Во моментов нема проодни патишта за товарни возила со и без приколка кон Далмација и обратно, како и за тешки товарни возила од внатрешноста кон Истра, Риека, северното приморје и обратно.
И во Босна и Херцеговина утрово снегот значително го отежна одвивањето на сообраќајот, а посебно тешко се одвива сообраќајот на делниците во планинските предели. Ниските температури овозможуваат формирање поледица, посебно во повисоките предели, како и на мостовите и на приодите на тунелите.
Поради лошите временски услови во Црна Гора, граничниот премин Делеуша е затворен за товарни возила.
И Во Србија поради новата снежна прекрива сообраќајот се одвива во отежната состојба.
Во северна и централна Грција денеска се справуваат со нов бран снежни врнежи, по студеното време кое ги зафати областите минатата недела.
Училиштата во многу делови од двете области остануваат затворени, затоа што снегот и мразот го отежнуваат собраќајот во многу делови на перифериите на градовите и на повисоките надморски височини.
На островите Алонисос и Скопелос, властите се уште се обидуваат да ги поправат оштетувањата на патиштата, далноводите и пумпите за вода кои настрадаа во минатонеделното снежно невреме, а во исто време се подготвуваат за нови снежни врнежи најавени за оваа недела.