Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска оствари средба со претседателот на Здружението на пензионерите на општина Центар, Павле Спасев. Целта на средбата беше да се оствари соработка за проектот „Центар се грижи за возрасните“.
Преку овој пилот проект, општината ќе обезбеди професионална домашна нега за возрасни лица над 64 годни кои за тоа имаат потреба. Жерновски и Спасев договорија партнерство меѓу општината и здружението. Со ова партнерството, здружението и општината заеднички ќе го промовираат проектот за што поголем број на граѓани дознаат и се пријават за оваа бесплатна услуга.
„Многу ми е драго што општината реши да реализира еден ваков проект и ние како здружение со задоволство прифативме да бидеме партнери. Во општина Центар живеат голем број на пензионери кои имаат потреба од нега. За жал, голем дел од нив ја немаат потребната поддршка и ваквата услуга ќе им биде повеќе од добредојдена. Ние како здружение активно ќе се вклучиме во прмовирање на проектот и информирање на нашите сограѓани”, истакна Спасев.
Со проектот се предвидува граѓаните прво да ги посети социјален работник, кој ќе ги утврди нивните потреби. Потоа, земајќи ги предвид индивидуалните потреби на секој граѓанин, ќе се одредуваат бесплатните услуги и помош која треба да му се пружи на секој корисник одделно.
Во трета фаза, лиценцирани негуватели во период од три месеци ќе ги посетуваат лицата по три пати неделно за да ја понудат услугата и потребите кои тие ги имаат. Периодот за апликации започна на 27.12.2016 и ќе трае до 27 јануари 2017-та година.
Жерновски и Спасев ги повикаа уште еднаш заинтересираните граѓани да ги подигнат апликаците од архивата на општината.
Доколку лично не се во можност тоа да го направат, потребно е да се јават на телефонскиот број 076/ 313 383 и служби од општината ќе ги посетат дома.