Скијачкиот центар „Нижо Поле“ што се наоѓа над истоименото потпелистерско село викендов овозможи ноќно скијање на патеките што се наоѓаат на 1585 метри надморска височина.
Од ЈП „Стрежево“-Битола, кои стопанисуваат со скијачките патеки информираат дека љубителите на зимските спортови се повеќе се заинтересирани за атрактивно скијање и затоа се одлучуваат за ноќно скијање.
– Амбиенталното осветлување на патеката за скијање се врши од неколку платформи на кои се поставени 45 канделабри и дополнителни 20 канделабри кои ја осветлуваат ски патеката по нејзината должина. Битолчани, но и гости од државата и странство викендов уживаа скијајќи дење, но радува податокот што имаше и љубители на атрактивно ноќно скијање исполнето со многу адреналин и задоволство, посочуваат од скијачкиот центар „Нижо Поле“.
Скијачкиот центар „Нижо Поле“ освен со два ски лифтови, располага со детски парк, чајџилница, 48 клупи и други зимски рекреативни реквизити.