По неиспешниот обид за преврат во Турција, во јули минатата година, стотина турски офицери од структурите на НАТО побарале азил во Белгија за себе и за своите семејства, јавуваат локалните белгиски медиуми.
Офицерите се обвинети за тероризам, сменети се од работните задачи и не смеат да се вратат дома.
Од доскорошниот турски состав во структурите на НАТО во Белгија 19 офицери се вратиле во Турција и сите биле затворени, а некои од нив биле дури подложени и на мачење.
Од 53 турски офицери од седиштето на НАТО во Брисел, 42 биле сменети. Од стотината турски претставници во Врховната команда на НАТО во Монс 80 ја загубиле својата работа. Вкупно 450 од 600 турски воени офицери во НАТО биле ослободени од должностите, а во оваа бројка спаѓаат и доскорошните службеници во базите „Рамштајн“ во Германија, „Норфолк“ во САД и Неапол во Италија.