Градот Скопје во рамките на Новогодишните и Божикните свечености ја организира традиционалната манифестација „Новогодишните бои на Скопје“, со која скопјани се поттикнуваат да ги украсуваат своите домови и работни простории и да придонесат во разубавување на празничниот амбиент на градот.
Како што соопшти прес-службата на Градот Скопје, заинтересираните граѓани и правни субјекти кои сакаат да учествуваат во манифестацијата, односно да се натпреваруваат за најкреативно новогодишно украсување, можат да се пријават на телефонскиот број 3297 265, од 9 до 16 часот, од 4 до 23 декември 2012 година.
Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адреса, учесниците може да испраќаат на интернет-адресата [email protected]или на адреса бул.Илинден бр.82, со назнака за манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје“.
Традиционално ќе се избира во категориите:
1. Најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа;
2. Најубаво новогодишно украсена тераса од стан;
3. Најубаво новогодишно украсен угостителски објект;
4. Најубаво новогодишно украсен двор на средно училиште.
Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија којашто ќе биде составена од претставници на медиумите.
Градот Скопје и годинава обезбеди награди од 10.000 денари, што ќе им бидат доделени на победниците, а ЕВН Македонија ќе ги ослободи победниците во сите категории, еднократно од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија, за месец декември 2012 година.
Наградите на најуспешните ќе им ги додели градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, со претставници од ЕВН Македонија, на крајот на месец декември.