Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар вечер во кино „Фросина“ ќе одржи годишен концерт под диригенство на Ванчо Јовчев. На програмата се дела на Родриго, Хендл, Пјацола, Асламазјан, Моцарт, Огински и на домашните композитори Властимир Николовски, Стојче Тошевски, Кирил Трајковски и Таки Хрисиќ.
Како солисти ќе настапат Ана Димовска на обоа, Николче Мицевски на хармоника и Благојче Трајковски на кларинет. Влезот за посетителите на концертот е слободен.
Мандолинскиот оркестар е формиран во 1981 година како дел од музичката програма во некогашниот Дом на млади „25 Мај“, а сега Младински културен центар.
Во Мандолинскиот оркестар поминале голем број музичари-аматери, а денес тој има 30-ина млади членови. Членувањето во оркестарот е бесплатно, а приемот на нови членови трае во текот на целата година.