Релативно мирна новогодишна ноќ поминаа кумановци, соопштија лекарите од различни одделенија од кумановската Општа болница.
Доктор Снежана Јовановска од Итната помош во Куманово информираше дека освен неколку редовни интервенции на хронично болни лица, не интервенирале во сообраќајни несреќи или за повреди предизивикани од петарди.
– За разлика од претходните години со задоволство можеме да истакнеме дека оваа новогодишна ноќ помина мирно, изјави Јовановска.
Од Интерното одделение од кумановската Болница информираат дека кај нив се јавиле двајца малолетници кои биле интоксицирани од алкохол. Двајцата, како што соопштија лекарите, се пуштени на домашно лекување по примената терапија.
Од Ургентниот центар сооштија дека новогодишната ноќ поминала мирно со само три интервенции. На Хирургија примено е едно лице кое имало телесни повреди во случај на семејно насилство.
Во Куманово веќе втора година по ред не се организира заеднички пречек на новогодишната ноќ.