Најмалку 35 луѓе се убиени, а повеќе од 40 се повредени кога вооружен напаѓач почна да пука кон присутните во ноќен клуб во Истанбул на почетокот на Новата година, информираше гувернерот на Истанбул Васип Сахин.
Тој изјави дека нападот, кој го опиша како терористички, го извршил еден напаѓач. Телевизискиот канал НТВ објави дека голем број полициски и амбулантни возила се пред клубот Реина во областа Бешикташ.
Дел од медиумите објавија дека напаѓачот бил облечен како Дедо Мраз.
Во клубот, според медиумите, имало меѓу 500 и 800 луѓе за време на нападот. Дел од гостите, според информациите, скокнале во Босфорскиот Канал за да избегаат од пукотниците.
Според Си-Ен-Ен на турски јазик, вооружени лица влегле во дискотеката Реијна, една од најпопуларните во овој турски град. Напаѓачите биле облечени во костуми на Дедо Мраз и почнале да пукаат.
Безбедноста во Истанбул беше засилена поради прославата на Нова година. Во градот беа распоредени околу 17 илјади полицајци.