Дело: Внимателно со Западен Балкан, руското влијание е веќе присутно

Од:

Љубљана, 30 декември 2016 (МИА) – Европската унија би требало да биде поотворена кон нестабилните држави на Балканот со цел тие да не паднат под уште поголемо влијание на Русија, пишува во денешното издание на љубљанскиот весник „Дело“.

Во текстот се оценува дека е неопходна поконкретна европска перспектива за државите во регионот, кои се уште не се дел од ЕУ.

„Изјавата на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер дека во следните пет години нема да има проширување на ЕУ се одрази на повторно будење на воената реторика од 90-те години, како и во опаѓање на интересот за влез во ЕУ, како кај политичката елита, така и кај обичните граѓани“, оценува водечкиот словенечки весник, кој се повикува на домашни аналитичари.

„Дело“ наведува дека на „Западен Балкан треба да се посвети поголемо внимание ако не се сака и тој да падне под уште поголемо руско влијание“, дополнувајќи дека вниманието мора да се насочи кон БиХ и српскиот ентитет во таа држава, како и кон Македонија, Србија и Црна Гора, каде, како што оценува весникот, руското влијание веќе е присутно.

Весникот тврди дека Русија на Балканот има свои интереси и го „зголемува своето влијание на балканските народи, што не значи дека автоматски тоа претставува закана за САД и европските држави“.

„Потезите на ЕУ на Балканот во последните 25 години беа усогласени со стратегијата на НАТО и САД, но опаѓањето на моќта на Америка поради економската криза предизвика проблеми во ЕУ и нејзините односи со балканските држави“, пишува „Дело“.

Се истакнува дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп нема да посветува онолку внимание на Балканот колку што тоа ќе го правеше Хилари Клинтон доколку победеше, но дека НАТО веројатно и натаму ќе биде подготвен да интервенира „ако е потребно да се спречат меѓуетнички судири“.

„Дело“ уште оценува дека Европската унија во изминативе 20 години беше „морковот“ за остварување на американските интереси.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Според Индексот на човечки развој Југоисточниот регион на земјава најнеразвиен во цела Европа

Лидерите на Европската Унија усвоија 18 заклучоци, од кои еден се однесува на роамингот на Балканот

Голема балканска акција за лов на педофили: 39 осомничени, вклучена и Македонија

Анита Петровска Рајковиќ