Во Драмски театар во Скопје денеска со почеток во 17 часот, по четврти пат ќе се одржи хуманитарниот поетско-музички новогодишен концерт „Од децата за децата“. Средствата од концертот, како и претходните години така и оваа, ќе бидат донирани за децата со посебни потреби. Овој добротворен настан веќе четврта година по ред го организираат поетесата Виолета Сековска и професорката Виолета Ачкоска.
– Ова е четврта година како го организираме концертот „Од децата за децата“. Оние кои ќе дојдат, ги очекува богата музичка програма, убава поезија и многу дружење. Ќе настапат деца од музичкиот фестивал од Битола, СИ-ДО. Потоа, ќе има учесници од Штип, кои ќе свират на инструменти. Најмалите од неколку градинки ќе пеат, а поголемите од училиштата ќе играат. Го имаме и неизбежниот Матеја-Мајкл Џексон. Ќе биде интересно. Ги покануваме сите хумани луѓе да присуствуваат на концертот и со своја донација да израдуваат некое дете со посебни потреби, вели Сековска, една од организаторите на концертот.
Таа информира дека донациите од претходните концерти ги донирале во училиштата „Иднина“ и во „Златан Сремец“.
– Само да знаете колку тие деца се радуваат, и како знаат да гушнат, и да возвратат љубов. Јас и професорката Ачкоска сме среќни токму поради нив. Нас нѐ исполнува нивната среќа и радост, вели Сековска.