Управниот суд ја уважи тужбата на Коалицијата предводена од СДСМ за гласачкото место 2011 во Теарце, со што е изведно дека на тоа место ќе се прегласува. Управниот суд одби две тужби на СДСМ, едната за избирачко место 2025 во општина Теарце и втората за избирачко место 1978 во општина Тетово. Останува уште една тужба од СДСМ, како и таа на ВМРО-ДПМНЕ за Гостивар, за која ДИК одлучи дека треба да се прегласува.
УПРАВНИОТ СУД во совет со ставен од судиите: Лулзим Салиу – претседател на советот, Нада Иванова, Едита Насковска, Снежана Трповска и Исмета Амет – членови на советот, со записничар Aна Ѓорѓиевски – виш судски советник, одлучувајќи по тужбата на овластениот претставник на листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија на Коалицијата предводена од Социјалдемократски сојуз на Македонија – СДСМ – Стевица Јосифовски, против решението на Државната изборна комисија УП 1 бр.10-488 од 18.12.2016 година, на јавна седница одржана на ден 20.12.2016 година, согласно член 150 став 3 од Изборниот законик, донесе:
П Р Е С У Д А
Тужбата на овластениот претставник на листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонијана Коалицијата предводена од Социјалдемократски сојуз на Македонија-СДСМ, – Стевица Јосифовски, СЕ УВАЖУВА.
Решението на Државната изборна комисија УП1.бр.10-488 од 18.12.2016 година, СЕ ПРЕИНАЧУВА И СЕ ОДЛУЧУВА:
Приговорот УП1.бр.10-488 од 13.12.2016 година, на овластениот претставник на листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија на Коалицијата предводена од Социјалдемократски сојуз на Македонија, СЕ УВАЖУВА.
Гласањето на гласачкото место бр.2011 во Општина Теарце за Изборна единица број 6, СЕ ПОНИШТУВА.
О б р а з л о ж е н и е
Државната изборна комисија со решение УП1.бр.10-488 од 18.12.2016 година, го одбила како неоснован приговорот УП1.бр.10-488 од 13.12.2016 година, поднесен од овластениот преставник на поднисителот на листа на кандидати Коалиција предводена од Социјалдемократски Сојузна Македонија – СДСМ, во постапка за сумирање и утврдување на резултатите за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, на гласачко место 2011 Општина Теарце Изборна единица бр.6, и ги потврдила резултатите од гласањето по листите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија на гласачко место бр.2011 во Општина Теарце, Изборна единица бр.6, со образложение дека, од увид во оргиналите на обрасците 16 и 21, било утврдено дека била внесена забелешка во образецот 16 во делот за забелешки од членови на избирачкиот одбор и во делот за забелешки од овластени преставници во делот за сумирање и утврдување на резултати, и дека во образецот 21 за утврдување и сумирање на резултатите во Општинската изборна комисија не биле внесени забелешки. Во образложението е наведено дека, од увидот во доверливиот изборен материјал повторно било утврдено дека перфорираниот дел со сериски број 1534020 кој бил откинат со гласачкото ливче бил вратен во кочанот. Претседателот, членовите и замениците членови на избирачкиот одбор ги потврдиле претходно дадените искази во кои изјавиле дека, пред почетокот на гласањето бројот на примени гласачки ливчиња се совпаѓал со бројот на запишани гласачи во изводот од Избирачкиот список за тоа избирачко место. Биле откинати две гласачки ливчиња за гласање на болни и немоќни лица, кои биле ставени во гласачката кутија и дека на денот на гласањето било констатирано дека првото ливче од кочанот било со сериски број 1534020, а по гласањето на неколку лица, член на избирачкиот одбор констатирал дека првото гласачко ливче било откинато со перфорираниот дел од кочанот. За оваа состојба била веднаш известена Општинската изборна комисија, по што истата заедно со нив, со голо око констатирале дека во гласачката кутија има пет преклопени гласачки ливчиња колку што има потпишани гласачи во изводот од Избирачкиот список. Од претседателот и членови на Општинската изборна комисија добиле насоки да продолжи гласањето, а за ова не бил составен записник и овој настан бил евидентиран во Дневникот за евиденција на настани, со дополнение дека образецот 15 бил потполнет, потпишан од сите членови на избирачкиот одбор и овластените претставници и доставен до Општинската изборна комисија. Понатаму во образложението се наведува дека, при увидот во доверливиот изборен материјал не бил пронајден Образец 15, иако било посочено дека се наоѓа во вреќата со доверлив изборен материјал.
Подносителот на листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија за Изборна единица број 6, преку овластениот претставник на Коалиција предводена од Социјалдемократски Сојуз на Македонија – СДСМ, против решението на Државната изборнка комисија Уп1.бр.10-488 од 18.12.2016 година, поднесе тужба до Управниот суд.
Во тужбата овластениот преставник наведува дека, Државната изборна комисија оспореното решение го донела спротивно на член 31 став 2 алинеја 34-б од Изборниот законик и член 40 став 4, 5 и 6 од Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори. Дека во текот на изборниот процес од страна на избирачкиот одбор за гласачкото место бр.2011 во Општина Теарце за Изборна единица број 6 и Општинската изборна комисија, бил повреден член 92 став 3, 4 и 6 , член 100 став 1 и 2, член 114 став 1 алинеја 1, 2, 3 и 4 и член 116 од Изборниот законик. Предлага тужбата да се уважи, оспореното решение да се преиначи и да се поништи гласањето на гласачкото место бр.2011 во Општина Теарце за Изборна единица број 6.
Управниот суд, по разгледувањето на списите приложени во предметот, целокупниот изборен материјал, наводите во тужбата и решението на Државната изборна комисија, најде:
Тужбата е основана.
Основани се тужбените наводи за направени неправилности во постапката при донесувањето на оспореното решение, дека Државната изборна комисија оспореното решение, го донела во постапка и на начин кој е спротивен на пропишаните законски прописи а кои претставуваат гаранција дека органот пред се треба правилно да постапи а потоа мериторно да одлучува и да донесе акт законит од формален и од материјален карактер. Имено, Државната Изборна Комисија оспорениот управен акт го донела со 4 гласа „за“ и 4 гласа „против“ го одбила приговорот на Коалицијата, а еден член на ДИК – Субхи Јакупи, пред почетокот на гласањето ја напуштил просторијата и воопшто не гласал. Судот наоѓа дека од формално правен карактер не постои законска претпоставка за донесување на предметната одлука, ова од причини што деветиот член на ДИК – Субхи Јакупи, и покрај неговото учество во материјалната расправа по предметниот приговор, не може да се смета како воздржан глас бидејќи ја напуштил просторијата пред почетокот на гласањето, со изговор „се изземам од гласањето“, кое нешто е во спротивно на член 31 став 2 алинеја 34-б од Изборниот законик и член 40 став 4, став 5 и став 6 од Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори.
Согласно член 10 став 2 точка 34(б) од Законот за измени и дополнување на Изборниот законик (Службен весник на Република Македонија бр.196/2015), Државната изборна комисија донесува одлуки со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на комисијата. При одлучувањето членовите на Државната изборна комисија ќе се изјаснат со „за“ или „против“. Не е дозволено изјаснување со „воздржан“ и во случај на такво изјаснување, таквиот глас ќе се смета како изјаснување „против“. Според точка (в) од истиот член, одлука на Државната изборна комисија се смета за донесена доколку за истата гласале мнозинство од вкупниот број на членови на комисијата.
Во конкретниот случај, седницата на Државната изборна комисија беше започната на ден 15.12.2016 година, а завршена на ден 17.12.2016 година, јавна и пренесувана во живо на медиум и пред почетокот на гласањето за одлуката по приговорот УП1 бр.10-488 од 13.12.2016 година, за гласачко место 2011 Општина Теарце Изборна единица бр.6, седницата ја напушти членот на ДИК – Субхи Јакупи, излезе од просторијата и воопшто не гласаше, а за оспореното решение од присутните членови при гласањето има 4 гласа „за“ и 4 гласа „против“. Предвид наведеното, а имајќи предвид дека според уводот на оспореното решение, Државната изборна комисија го донела во состав Александар Чичаковски – претседател, Реџеп Прекопуца потпретседател и членови Атанас Урмов, Сашо Срцев, Силвана Бонева, Виолета Дума, Игор Милев и Бедредин Ибраими, односно решението е донесено во состав од 8 членови на Државната изборна комисија, Судот оцени дека решението е незаконито. Имено, напуштањето на седницата од страна на еден член на комисијата за време на гласањето а кој присуствувал цело време на расправата по приговорот, не може да се смета како воздржан глас, што упатува на заклучок дека оспореното решение, е донесено во постапка и на начин кој е спротивен на член 10 став 2 точка 34 (б) и точка (в) од Законот за измени и дополнување на Изборниот законик (Службен весник на Република Македонија бр.196/2015), во кој е утврдена постапката и на начинот на кој Државната изборна комисија донесува одлуки. Според судот, изјаснување со „воздржан“ ќе се смета како изјаснување „против“ само доколку лично е искажано на седница на Комисијата.
Исто така, основани се тужбените наводи со кои тужителот истакнува дека недостасува Записникот со број 15 во изборниот материјал со што е повреден член 100 став 2 од Изборниот законик, дека кога член на избирачкиот одбор констатирал дека првото гласачко ливче било откинато со перфорираниот дел од кочанот, и дека за оваа состојба била веднаш известена Општинската изборна комисија, но не било записнички констатирано ниту од Избирачкиот одбор ниту од Општинската изборна комисија, што е спротивно на Изборниот законик. Имено, Судот наоѓа дека гласањето не било прекинато, па оттука останува нејасно кога било откинато гласачкото ливче заедно со кочанот и кога било ставено во гласачката кутија. Ова од причини што постоела суштинска разлика помеѓу карбонизираниот записник и образецот бр.16 и оригиналот на истиот, а се направени и низа други пропусти и незаконитости при работењето од приемот на изборниот материјал до денот на гласањето па се до предавањето на истиот до Општинската изборна комисија.
Согласно член 37 став 1 од Изборниот законик (Службен весник на Република Македонија бр. 40/06…51/11, 54/11, 142/12 и 196/2015), општинската изборна комисија и Изборната комисија на градот Скопје се грижи за законитоста на подготовката и спроведувањето на изборите во согласност со овој законик и врши надзор на работата на избирачките одбори. Согласно став 2 точка 7 од истиот член на законот, општинската изборна комисија ја контролира законитоста на работењето на избирачките одбори и интервенира во случаите кога е констатирана повреда на законитоста во подготовките, кандидирањето и спроведувањето и утврдувањето на резултатите на изборите, како и на упатствата и препораките дадени од неа.
Согласно член 100 став 1 и став 2 од Изборниот законик (Службен весник на Република Македонија бр.40/06…51/11, 54/11, 142/12 и 196/2015), претседателот и членовите на избирачкиот одбор најдоцна еден час пред почетокот на гласањето се собираат во просторијата за гласање и утврдуваат: дали просторијата е во иста состојба како што ја оставиле на денот пред избрите; дали изборниот материјал е во иста состојба како што бил на денот пред изборите и дали гласачката кутија е празна. Избирачкиот одбор составува записник за утврдената состојба, кој го потпишуваат претседателот и членовите на избирачкиот одбор.
Во конкретниот случај, од увидот во списите по предметот и прибавениот целокупен доверлив изборен материјал, Судот утврди дека недостасува образец 15, дека гласачкото ливче со сериски број 1534020 било откинато со перфорираниот дел од кочанот, и дека избирачкиот одбор за оваа состојба ја известил Општинската изборна комисија, која дошла на избирачко место 2011, за овој настан не бил составен записник но бил евидентиран во Дневникот за евиденција на настани, поради што оцени дека се направени суштествени повреди на Изборниот законик. Имено, во Изборниот законик, се утврдени процесни правила кои гарантираат законитост при спроведување на изборниот процес, и изборните органи се должни да постапуваат во секој стадиум од изборниот процес согласно утврдените правила и во таа насока за секое дејствие кое го превземаат пред започнување на гласањето или во текот на гласањето, треба да состават записник онака како е тоа предвидено во Изборниот законик. Само постапка спроведена по строгите изборни правила, гарантира законит изборен процес, па во таа смисла недозволиво е во доверливиот изборен материјал да недостастасува записник, кој претставува доказ од кој единствено може да се утврди во каква состојба бил изборниот материјал, пред почетокот на гласањето на избирачкото место 2011.
Пресудата е донесена со мнозинство гласови. Против оваа пресуда не е дозволена жалба.