Машката ракометна репрезентација денеска ги почна подготовките за Светското првенство во Франција. Првата фаза ќе се одработи во Маврово, каде од денеска претстојува и дел од репрезентацијата, а таму избраниците под водство на селекторот Лино Червар ќе работат до 30декември.
Во втората фаза Македонија ќе тренира во Скопје во СРЦ „Кале“ од 2.јануари до 10.јануари кога се патува за Мец. Според програмата ќе бидат одработени 34 тренинзи, а ќе бидат одиграни и три контролни дуели со Босна и Херцеговина во Скопје.
Последни на репрезентацијата ќе и се приклучат играчите од Бундес лигата: Дејан Манасков и Филип Миркуловски, а на подготовките „ќе доцнат“: Кирил Лазаров, Стојанче Стоилиов, Гоце Георигиевски,…
– Треба мудро да работиме од причина што имаме силна група: Тунис, Шпанија, Словенија, Исланд и Ангола. Пласман во вториот круг ќе биде успех. Јас го сакам предизвикот и тоа може да не мотивира многу, истакна селекторот Лино Червар на вчерашната седница на Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија, каде ја презентираше програмата за подготовките.
Заедно со најдобрата репрезентација во Маврово ќе се подготвува и јуниорската репрезентација на Македонија која од 4 до 6 јануари 2017 година ќе биде домаќин на група (се игра во Скопје „СРЦ Кале“) од квалификациите за пласман на Светското првенство во Алжир за играчи до 21 година. Во комбинација за настап на овие квалификации има неколку играчи кои се и на подготовки со најдобрата репрезентација.