Вечерва со соопштение се јави Самостојниот синдикат на клинички центри и други здравствени организации а во врска со најавите за утрешните инспекции. А1 го објавува интегрално целото соопштение.
„Отворените телефони на Министерството за здравство се единствено за заплашување, подготвено сценарио кон одредени штрајкувачи, никако грижа кон пациентите. Министерот за здравство по втор пат ја злоупотребува положбата. Првиот пат Судот со времената забрана за штрајк, а сега го злоупотребува Државниот санитарен инспекторат.
Состојбата во здравството е алармантна!!!
Му порачуваме како стручни лица – доктори, со непромислени постапки ќе го доведе јавното здравство во тотален колапс. Како реакција на репресијата можни се масовни откази и комплетен прекин на работата. Размислете,таков непосакуван тек на настаните не повлекува само политичка одговорност. Одложувањето на преговорите со Самостојниот Синдикат и изнаоѓање заедничко прифатливо решение го загрозува здравјето на граѓаните, за што одговорноста е исклучиво на Министерот.
Одлуките за оперативниот програм, конзервативниот третман, прегледите и дијагностичките постапки во услови на штрајк се изведуваат без исклучок по наредби донесени од страна на (вд) Директорите/Менаџерите на ЈЗУ за одвивање на итна и минимална работа во услови на штрајк. Доколку (вд) Директорите/Менаџерите донесат наредби спротивни на законските прописи за одвивање во услови на штрајк прават тешко (сериозно) прекршување на законските одредби.
Сите случаи кои се планираат за оперативен програм разгледувани се од стручните колегиуми на Клиниките и Јавните здравствени установи, каде се одлучува кој пациент треба да биде опериран. Секој прегледан пациент во Ургентните центри и итните амбулантни служби во текот на редовното работно време за кое се однесува штрајкот има право на конзилијарно мислење (од тројца специјалисти) за итноста на неговата состојба. Поставувањето на Министерот за здравство над овие утврдени наредби за одвивање на работниот процес во услови на штрајк е нестручно, незаконско и безвредно. За нас докторите во штрајк е необврзувачко“.
Поддршка за штрајкувачите, граѓаните и институциите можат да изразат на:
тел/факс 02 3147 – 116;
e-mail: [email protected]
Штрајкувачки одбор на Самостоен Синдикат на Клинички центри и други здравствени организации во Р.Македонија.