Џез-трубачот Душко Гојковиќ ќе настапи со Македонската филхармонија

Од:

„Душко Гојковиќ квартет“ е насловен вечерашниот концерт на Македонската филхармонија, на кој ќе настапи Душко Гојковиќ, еден од најславните џез-трубачи во светот. На концертот, под диригентство на Борјан Цанев, со оркестарот на Филхармонија ќе настапат и членовите на квартетот на Душко Гојковиќ во состав: Ренато Кико на пијано, Мартин Ѓаконовски-Шпато на контрабас и Владимир Костадиновиќ на тапани.

Филхармонијата информира дека концертот „Душко Гојковиќ квартет“ ќе биде македонска промоција на албумот „Душко Гојковиќ со гудачи“ на кој Гојковиќ соработува со македонскиот контрабасист Мартин Ѓаконовски-Шпато, кој гради успешна кариера во Германија и низ Европа, како и пијанистот Ренато Кико и повеќенаградуваниот тапанар Владимир Костадиновиќ кои, исто така, градат завидна кариера во Њујорк.

Албумот е првично објавен како „Бранденбург концерт Душко Гојковиќ стринг“ затоа што е снимен во живо со гудачите на Симфонискиот оркестар од Бранденбург, на кој се снимени композициите на Гојковиќ аранжирани од британскиот саксофонист и аранжер Питер Кинг. За гудачи и џез-квинтет албумот излезе во 2013 година, а една година подоцна во Србија се појави албумот „Латин Хазе“ снимен со Биг-Бендот на РТС. Во 2015 го објави „Ења рекордс“ со издание во Јапонија. Голем дел од албумите на Гојковиќ се издадени за престижната „Ења рекордс“.

– Не е претерување ако се каже дека Душко Гојковиќ (1931) е еден од најдобрите џез-трубачи во светот. Овој извонреден музички уметник, роден во Јајце, кој најпрвин студирал на Музичката академија во Белград, а потоа и на универзитетот „Беркли“ во Бостон, САД, во текот на долгогодишната кариера создал препознатлив израз, кој се одликува со прецизност, брилијантна техника и топол звук. На некој начин, ликот и делото на Душко Гојковиќ се огледало на голем период од историјата на џез-музиката, наведува Македонската филхармонија за гостинот-солист на нејзиниот вечерашен концерт.

Душко Гојковиќ ја доби наградата за животно дело „Ехо џез“ во 2014 година во Хамбург, а во 2015-та доделена му е музичка награда за животно дело на градот Минхен каде што и живее. Наградата се доделува на секои три години за оддавање почит на музичари и институции од исклучително значење за градот Минхен.

Би можело да ве интересира

Директорката на Филхармонија е разрешена затоа што несовесно ракува со државна институција и со државни пари, вели министерката за култура

Горан Наумовски

Вработените во Филхармонија протестираа пред Владата

Дваесет и втор Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

Ана Ололовска

„Животот е убав“ – концерт на Филхармонијата во Градскиот парк

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија на 7. Меѓународен фестивал „Музички Едикт“ во Ниш

Ана Ололовска

Оркестарот на Филхармонија гостува во Ниш

Ана Ололовска