Гласањето во Кумановско се одвива непречено и засега нема јавувања на бесплатната телефонска линија 0800-54321 од страна на граѓаните, соопшти денеска заменикот – народен правобранител Насер Весели.
Екипите на Правобранителот, рече Весели на прес-конференција, ќе дежураат до 19 часот.
– До овој момент само двајца граѓани се пожалија дека докрај не се почитувале гласачките изборни права, односно на две места едното во Куманово, другото во населбата „Карпош“, наводно во претходните избори биле регистрирани во избирачкиот список, а денеска не можеле да го остварат правото бидејќи не биле евидентирани, истакна Весели.
Според него, за овој случај не може да се преземе законска мерка и лицата не може дополнително да бидат евидентирани и да го остварат гласачкото право.
Во неговата канцеларија се појавиле и тројца граѓани од Куманово кои се пожалиле дека полицијата не им издава лични карти. По проверката во МВР, Весели утврдил дека личните карти се издаваат на граѓани кои поднеле барања најдоцна до вчера до 16:30 часот и тоа само во случај на изгубена, оштетена, украдена лична карта и доколку нема важечка биометриска исправа.