Од отварањето на гласачките места па се до 12 часот региситрирани се низа помали инциденти за кои МВР соодветно интервенира, изјави на прес конференцијата Јордан Ламановски, помошник министер за односи со јавност.
Во с.Брест лица со црн џип „Хамер“, во 08,30 часот делеле пари на граѓани. По ова, истото возило е забележано во нас.Бутел. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Во општина Шуто Оризари, диви таксисти со 14 патнички моторни возила превезувале гласачи до избирачки места и притоа вршеле агитација. Исто така во оваа општина во ОУ „Браќа Рамиз“ во ходникот од училиштето низ кој се оди до гласачките места група од 5-6 лица на гласачите што се движеле по ходникот им сугерирале да заокружат реден број на гласачкото ливче. Во општината забележани се две возила без регистерски таблици со обележја на вратите од Дирекција на заштита и спасување, кои во повеќе наврати носеле гласачи до гласачките места.
Ламовски изјави дека е добиена пријава за агитирање гласачи околу пазарот во Ѓорче Петров. Агитирањето во повеќе наврати го вршеле лица со возило Сеат Леон.
Поради фотографирање на гласачкото ливче со мобилен телефон на гласачкото место во училиштето „Кочо Рацин“ во скопската општина Ѓорче Петров приведено е лицето З.Д. (37) . Поради овој случај гласањето на ова место било во прекин од 8:25 до 8:35 часот.
Случај на фотографирање на гласачкото ливче има и во Валандово. Околу 9 часот на гласачкото место во Кино Валандово З.П. откако гласал го фотографирал ливчето и заминал. Полициски службеници излегле на лице место и се работи на расчистување на случајот.
Во скопската општина Чаир е приведено лице на чие возило на местото на регистерските таблици биле испишани пароли да се гласа за една политичка партија.
На избирачкото место во село Здуње- Гостивар Ј.С., вработен во МВР се појавил на избирачкото место во својство на контролор на една политичка партија. Во општинската изборна комисија имало решение за негово ангажирање како контролор, но откако на избирачкото место настанал проблем, истиот бил отстранет и отстранувањето било нотирано во записникот. Веднаш е ангажиран и Одделот за внатрепшна контрола и професионални стандарди за проверка на случајот.
Во Одделот за внатрешна контрола , криминалистички истраги и професионални стандарди примено е и известување дека на избирачко место во село Долно Седларци- Општина Брвеница, И. Т., вработен во СВР Тетово кој е одреден за обезбедување на избирачкото место, агитирал гласачите да гласаат за одредена политичка партија. Се работи на расчистување на случајот.
Полициски службеник, кој не бил на работа, пријавил дека на неговиот мобилен телефонски број му се јавило женско лице кое се претставило како колешка, и му рекла зошто се јавувал на 192 и со закана „нека му ја мисли“ ако победи нејзината партија.
– Сакам да потенцирам дека злоупотребите од страна на вработени во МВР, доколку се докажат, најстрого ќе бидат санкционирани, рече Ламановски на прес конференцијата.
На избирачкото место во ОУ „Јосип Броз“ дошло лицето М.Л. кое било под дејство на алкохол и се претставило како набљудувач, не дозволувајќи им на граѓаните да гласаат. Претседателот на избирачкиот одбор побарал асистенција од полицијата и ова лице е приведено. Извршен му е алкотест и утврдено присуство на алкохол од 3.6 промили. Лицето ќе биде задржано воПС до неговото отрезнување.
Во село Нова Колонија во ОУ „Петар Петровиќ Његош“ во училишниот двор имало три машки лица со шалови и партиски обележја на политичка партија кои ги пречекувале лицата што доаѓале на гласање и им сугерирале за кого да гласаат.
Исто така, лице од Хелсиншки комитет пријавило дека на ул. Боте Боцевски пред избирачкото место стоеле неколку лица кои нуделе по 1000 денари на лица од ромска националност да гласаат за одредена политичка партија.
Во село Драчево, комбе со бела боја превезува гласачи, а има информации и дека се нудат по 1000 денари за гласање за одредена политичка партија, информираат од МВР.