Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега се забележани следните неправилности на гласачките места:
- ГМ 0473, општина Маврово и Ростуше, член на ИО ги евидентира гласачите кои гласаат во посебен список и истиот го предава на неовластено лице.
- На ГМ 0558, општина Центар Жупа, влегло неовластено лице кое се претставило како партиски набљудувач, но не поседувало акредитација, по што избирачкиот одбор го отстранил од гласачкото место. Лицето останало присутно пред вратата на гласачкото место и ги евидентира гласачите.
- Во ОУ „Јане Сандански“ во општина Центар во ходникот било присутно неовластено лице кое на гласачите од ромска националност им укажувало за кого да гласаат. После извесно време лицето бил отстрането од страна на избирачкиот одбор.
- Пред ГМ 0740, општина Кичево, присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.
- Пред други два објекти во општина Кичево во кои се сместени 6 гласачки места присутни се неовластени лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат во објектот.
- Пред ОУ „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба во кое се сместени 11 гласачки места присутни се неовластени лица кои агитираат.
- ГМ 2464, општина Чучер-Сандево, неовластено лице агитира пред гласачкото место.
- ГМ 0845, општина Кочани, 12 гласачи јавно гласале со покажување на своите гласачки ливчиња.
- Случаи на фотографирање на гласачките ливчиња се забележани во ГМ 2561, општина Ѓорче Петров каде не реагирал избирачкиот одбор и ГМ 1644 во општина Ресен, каде што имало реакција од избирачкиот одбор и бил направен записник.
- Фотографирање на гласачкото ливче е забележано и во ГМ 1612, општина Конче, по што избирачкиот одбор го предупредил гласачот дека тоа е незаконски.
- ГМ 0882, општина Чешиново-Облешево, активист на одредена политичка партија кој не бил овластен да присуствува на гласачкото место не дозволил член на семјество да му помогне на гласачот и тоа го направил тој. Членовите на избирачкиот одбор реагирале и побарале од претседателот случајот да влезе во записник, по што активистот му се заканил на претседателот дека ако го стори тоа ќе добие отказ од работа.
- ГМ 1152, општина Старо Нагоричане, иако слепо лице дошло да гласа заедно со член од семејството кој требало да му помогне, избирачкиот избор не дозволил и на лицето му помогнал член на избирачкиот одбор предложен од политичка партија.
- ГМ 1086/1, општина Куманово, откако член на семејството му помогнал на слепо лице да гласа без да побара дозвола од избирачкиот одбор, член на избирачкиот одбор го поништил гласачкото ливче.
- ГМ 1058, општина Куманово, во три случаи претседателот на избирачкиот одбор не дозволил придружбата да им помага на гласачите кои не можат да гласаат сами и тоа го направил самиот тој. Бил опоменат од членовите на избирачкиот одбор. На истото место избирачкиот одбор не бил информиран дека поседува два изводи од Избирачкиот список. 6 луѓе кои не биле пронајдени во Избирачкиот список за граѓани кои се во РМ биле упатени во ОИК. Кога подоцна сфатиле дека има уште еден извод за граѓани кои се во странство и го провериле, пронашле 3 од 6-те лица на кои претходно не им било овозможено да гласаат.
Поради тоа, напоменуваме дека на гласачките места има два изводи од Избирачкиот список и доколку гласачот не може да се најде во списокот за граѓани кои се во РМ, избирачкиот одбор мора да го провери и изводот од избирачкиот список за граѓани кои престојуваат во странство. Доколку гласачот не може да се пронајде во ниту еден список, треба да се упати во подрачната канцеларија на ДИК за да провери дали може да гласа на тоа избирачко место или е запишан во друго.
На бесплатната телфонска линија 080 080 080 и на neregulranosti.most.org.mk 15 граѓани пријавија дека не може да се пронајдат во Избирачкиот список.
Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по изборни единици е следниот:
ИЕ 1 – до 11 часот 18,78%, до 12 часот 28,58%, до 13 часот 38,74%
ИЕ 2 – до 11 часот 16,98%, до 12 часот 25,27%, до 13 часот 33,41%
ИЕ 3 – до 11 часот 20,69%, до 12 часот 30,18%, до 13 часот 39,14%
ИЕ 4 – до 11 часот 20,48%, до 12 часот 29,99%, до 13 часот 39,31%
ИЕ 5 – до 11 часот 17,54%, до 12 часот 25,81%, до 13 часот 33,87%
ИЕ 6 – до 11 часот 10,54%, до 12 часот 17,28%, до 13 часот 24,83%