„Ние одлучуваме“: Пријави од граѓани кои имаат проблеми со неосновано бришење од Избирачкиот список

Од:

Правниот тим кој работи на бесплатната СОС линија за пријавување изборни нерегуларности во рамки на граѓанската акција „Ние одлучуваме!“, денес на денот на гласањето ќе работи до 20 часот. Граѓаните во текот на денешниот ден се охрабруваат да се јавуваат и да ги пријавуваат изборните нерегуларности и повреди на гласачкото право.

На бесплатната СОС линија 0800 88 888, денес до 12 часот, добиени се повеќе повици од граѓани со поплаки дека ги нема на Избирачкиот список и поради тоа не можат да си го остварат гласачкото право.

Во консултации со Државната изборна комисија (ДИК), добиена е информација дека постои опција граѓаните кои ги нема во изводите од Избирачкиот списокот, да постојат на посебниот извод за гласање во странство, иако не поднеле пријава за гласање во странство. Затоа ги советуваме граѓаните, доколку ги нема во изводот од Избирачкиот список, да побараат од избирачкиот одбор на нивното гласачко место да извршат проверка во посебните изводи од Изборниот список за гласање во странство. Доколку ги има на посебниот извод, граѓаните ќе можат да си го остварат своето гласачко право и нивниот глас ќе се смета како важечки на територијата на Република Македонија.
Доколку ги нема воопшто на Избирачкиот список, граѓаните имаат право на приговор до Државната изборна комисија (ДИК). Образецот за приговорот може да се најде на следниот линк: https://drive.google.com/file/d/0B8ZpCwro9h-zMDJtU0dYeW9laVk/view. Приговорите граѓаните лично или преку овластен застапник ги поднесуваат до ДИК. Приговорите можат да се достават и до Општинската изборна комисија која е должна да ги достави до ДИК. ДИК се должни во рок од 4 часа од приемот на приговорот да донесат решение со кое ќе го уважат или одбијат приговорот. Доколку приговорот е уважен, а гласањето сѐ уште е во тек, граѓаните врз основа на ова решение ќе можат да си го остварат гласачкото право. Доколку приговорот е одбиен, граѓаните имаат право на тужба пред Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението.

Граѓаните кои имаат проблеми со пополнување на приговорот, можат да се јават на бесплатната СОС линија 0800 88 888 или преку е-mail [email protected] при што ќе им се помогне да ги пополнат приговорите и ќе им се даде соодветна правна помош.

Граѓаните при остварувањето на своето гласачко право, доколку забележат нерегуларности во однос на нарушување на тајноста на гласањето, изборни притисоци, веднаш да пријават до набљудувачите, овластените претставници на подносителите на листите или избирачкиот одбор на гласачкото место и да бараат да се состави забележи во записник повредата, која понатаму ќе може да биде основа во постапка за заштита на избирачко право.

Би можело да ве интересира

Хан во Скопје на средби со политичките лидери

Ана Ололовска

Рама: Не е важно кој ќе формира влада, туку албанската платформа

Ана Ололовска

Средба на ДИК и МОСТ по повод Денот на изборите

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Иванов: Ќе го дадам мандатот на тој што ќе обезбеди мнозинство од 61 пратеник

А1он

Ванхауте: Втора рунда во Македонија – Груевски не направи здрав компромис со Албанците

Наум Локоски

Ивановски: Иванов уште денеска треба да му го предаде мандатот на СДСМ

А1он