Над 100 македонски граѓани, иако пријавени, ги нема на списокот за гласање на изборите во Брисел

Од:

Револт и незадоволство на огромен број на македонски граѓани на гласачкото место 5003 во Брисел (Белгија), откако според нив, иако биле уредно пријавени, денеска не успеале да го остварат своето гласачко право и да гласаат како македонски граѓани од дијаспората.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, најголемиот број, досега официјално 75-мина, од тие кои денеска не можеа да го остварат своето бирачко право во европската престолнина се Македонци од ромска националност.

Ќамуран Сејди, жител на белгискиот град Бон кој се одважи да говори за МИА, вели дека целото негово семејство, кое уредно го пријавил претходно во ДИК, не било на списокот и не успеале да го остварат своето избирачко право. Најчудно на овие македонски граѓани им е тоа што иако идентично се пријавувале преку интернет, сепак дел од припадниците на нивните семејства ги имало на списокот, а најголем дел – не.

– Главен проблем е што не сум само јас и моето семејство, туку голем број на други мои пријатели, познаници и роднини, кои на овој ден го напуштиле свое работно место, само за да гласаат, а ги нема на списоците. Според моите проценки, над 100 лица, поточно 125-мина, најголемиот дел припадници на македонската ромска заедница во Белгија, се вратени од страна на изборната комисија на избирачкото место, бидејќи едноставно ги нема на избирачкиот список. Преклани, на парламентарните избори сите гласавме уредно и бевме присутни на избирачкиот список, а сега, не знам, како, но волшебно исчезнавме и не можеме да си го оствариме своето право како граѓани на Република Македонија, изјави Сејди.

Од избирачкиот одбор на Државната изборна комисија во Брисел, за МИА истакнаа дека вкупно 284 лица се запишани и ќе имаат право денеска да гласаат во Брисел, од кои до 12 часот тоа свое право го оствариле 50 лица. Оттаму информираат дека над 90 проценти од приајвените гласачи тоа го сториле електронски, преку интернет, па велат дека оние што денеска ги нема на списокот, најверојатно немале успешно интернет-пријавување.

Поплаки за волшебно ичезнување од списоците за гласање има и од македонските граѓани во Австрија, при што најмалку 50 лица, иако тврдат дека уредно се пријавиле преку Македонската амбасада во Виена, сепак денеска не успеале да гласаат, бидејќи ги немало на списоците.

Вкупно 20.573 македонски граѓани се запишани за денешното гласање во дијаспората, кои ќе можат тоа право да го остварат во 46 дипломатско-конзуларни претставништва.

Четири политички партии и коалиции имаат свои кандидати во дијаспората, при што за еден да заземе место во македонското Собрание, треба да добие минимум 6.500 гласови.

Би можело да ве интересира

Хан во Скопје на средби со политичките лидери

Ана Ололовска

Рама: Не е важно кој ќе формира влада, туку албанската платформа

Ана Ололовска

Средба на ДИК и МОСТ по повод Денот на изборите

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Иванов: Ќе го дадам мандатот на тој што ќе обезбеди мнозинство од 61 пратеник

А1он

Ванхауте: Втора рунда во Македонија – Груевски не направи здрав компромис со Албанците

Наум Локоски

Ивановски: Иванов уште денеска треба да му го предаде мандатот на СДСМ

А1он