„Состојбите во охридското здравство се катастрофални, а тоа посебно важи за охридската Општа болница. Условите во охридската болница се очајни, поразителни и под секакво човечко достоинство, како за пациентите, така и за медицинскиот персонал. Болницата е претворена во партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ, каде што нестручни и несовесни кадри од власта секојдневно практикуваат партиско осветољубие и реваншизам врз политичките неистомисленици. Во болничките одделенија секојдневно се води политика и се врши хајка врз сите што не се партиски послушници на власта, па дури и се суспендираат најдобрите здравствени работници, кои имаат 2 месеци до пензија. За тоа време, трпат и страдаат пациентите, трпат и страдаат роднините на болните, трпат и страдаат лекарите и медицинскиот персонал.
Неколку милиони евра народни пари до сега напразно и криминално се потрошени за охридската болница – со наместени партиски тендери, со поништени градежни договори, со долгогодишната задоцнета реконструкција, со купување на несоодветна медицинска опрема од која голем дел се‘ уште е нефункционална. За тоа време, се‘ поголем број лекари си заминуваат од јавното здравство, а условите во болницата за пациентите се се‘ полоши. Манипулациите со цифрите за потрошените средства во охридското здравство ги премина сите граници на професионално однесување. Власта пред 3 години рече дека инвестицијата за општата болница чинела вкупно 4,3 милиони евра, додека за време на минатите избори менаџерите кажаа дека биле потрошени 7 милиони евра. Ако криминалната реконструкција на болницата чинеше неверојатни 3 милиони евра, на охриѓани нејасно им остана каде и за што се потрошени уште цели 4 милиони евра. Сега, за овие избори, кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид лажно ветуваат дополнителни вложувања од 700 илјади евра што воопшто ги нема во државниот буџет, а во овој момент болницата има блокирана сметка и финансиска загуба од 2 и пол милиони евра.
Состојбата секојдневно станува се‘ поалармантна, затоа што пациентите се соочуваат со крајно лоши и нехумaни услови. Во повеќе одделенија во болницата повторно нема греење. Во ек на ниски температури, пациентите се смрзнуваат и се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат. Сами од дома си носат греалки, ќебиња, облека и храна. Хигиенските услови се очајни, ги нема потребните лекови, ги нема потребните медицински материјали, ги нема потребните лекари специјалисти. Здравствената политика на охридската болница ја кројат нестручни, несовесни и немедицински партиски послушници од власта, кои пет пари не даваат за реалните потреби на пациентите и здравствените работници.
Погубните политики на власта во сферата на здравството ја рангираа Република Македонија на дното на Европа според индексот на здравствени услуги. Состојбите во здравствениот систем се поразителни: зголемена смртност кај родилките и новороденчињата; огромни долгови и блокирани сметки на здравствените установи; континуран недостаток од лекови и медицински потрошен материјал; намален и нерамномерен квалитет на здравствените услуги и лекови; огромно незадоволство на пациентите од лошите услови во здравствените установи; демотивираност и ниски плати на здравствените работници кои се причина за нивно заминување во приватниот сектор и странство; партиски вработувања и партизирани менаџери во јавните здравствени установи.
Сомнежот на родителите во квалитетот на набавените вакцини придонесе голем дел од најмладата популација да остане невакцинирана. На сите лекари со неефикасниот проект за плаќање по успешност на лекарите им се намали платата, со што се зголеми незадоволството, а се намали нивната мотивираност за пружање на квалитетни здравствени услуги. Пациентите станаа само бројка која тие ја бележат за да остварат целосна плата. Заради недостигот на лекови, медицински потрошен материјал и медицински помагала, пациентите не ги добиваат здравствените услуги што им следуваат според законот; тие сами си носат ќебиња, пижами, греалки, храна и облека во болниците, за да не измрзнат и за да не гладуваат; пациентите се приморани постојано да талкаат по лекови од една до друга аптека, бидејќи квотите на лекови се трошат до 15-ти од секој месец. Доплатата над референтните цени на лековите е превисока.
Сегашниот здравствен систем во Македонија не ги лечи луѓето… ги разболува! Сегашниот здравствен систем во Македонија го упропастува и уништува јавното здравство, за сметка на партиските бизнис интереси на врхушката на власт.
Планот за живот во Македонија предвидува здравствен систем во служба на граѓаните, здравствен систем што превенира, помага и лечи!
Во изборната програма на СДСМ се предвидува:
Бесплатно лекување во болниците, односно ослободување од партиципација на сите здравствени осигуреници.
Враќање на достоинството на лекарите и зголемување на основната плата на сите здравствени работници. Основните плати на сите здравствени работници ќе бидат двојно зголемени до крајот на првиот мандат. До 2020 година платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600 евра. Покрај тоа, наместо плаќање по учинок, ќе воведеме ефикасен систем на наградување на лекарите.
Секоја жена во Република Македонија ќе има свој матичен гинеколог. Ќе ги укинеме одредбите на Законот за прекин на бременоста кои го ограничувааат правото на жените сами да одлучуваат за себе, за својата судбина и за сопственото здравје.
Ќе организираме широка експертска дебата за потребите и придобивките од вакцинацијата, заедно со набавка на висококвалитетни вакцини. Квалитетот, а не цената ќе биде клучен критериум при изборот на вакцините.
На лекарите од примарната здравствена заштита ќе им се намалат преобемните административни обврски. Нема повеќе да бидат казнувани ако впишале случајно погрешно број или збор во компјутерот, за да престанат да се плашат од казни. Предвидено е покачување на капитациониот бод на матичните лекари на 90 денари.
Предвидуваме зголемување на капитацијата по пациент за матичните стоматолози од 40 на 70 денари. Предвидени се основни бесплатни стоматолошки пакети за секој матичен пациент (за деца до 18 години, бесплатна стоматолошка заштита без пакети).
Надминување на состојбата со немање на лекови на рецепт после 15-ти во месецот и зголемена достапност на лекови во примарната здравствена заштита без квота. Квалитетен лек за секој пациент. Навремена набавка на квалитетен инсулин за болните од дијабетес од најреномираните светски производители. Ревидирање на листата на лекови кои паѓаат на товар на ФЗОМ еднаш годишно, со внесување на најмалку пет нови лекови во истата.
Обезбедување на финансиски средства и соодветен простор за здруженијата на граѓани од областа на здравствената заштита како и на клубовите и здруженија на болни (шеќерна болест, хемодијализа, хипертензија, карцином на дојка, ХИВ инфекција), како и на пациенти со ретки болести, пациенти од маргинализираните заедници и пациенти со посебни потреби. Целта е да создадеме услови за зајакнување на нивната улога и нивно активно вклучување во комуникацијата со стручната јавност при донесување на прописи и законски решенија од областа на здравствената заштита.
Ќе формираме Фонд за финансирање на лекувањето во странство на деца до 18 години, кој ќе мора итно да ги носи неопходните одлуки, ослободен од политички и министерски притисоци. Така лекувањето на децата во Македонија веќе нема да мора да зависи од хуманоста на нејзините граѓани.
Ова се само дел од мерките во здравството во Планот за живот во Македонија.
Почитувани граѓани, на 11 декември на гласачкото ливче заокружете го бројот 4. Тоа ќе гарантира реализација на сите овие наведени мерки во сферата на здравствениот систем на Република Македонија“, изјави д-р Томислав Тунтев, пратеник и председател на ОО СДСМ Охрид.