Анкетите во Македонија се неверодостојни, луѓето во државата живеат во страв, што е една од најголемите причини анкетите да бидат различни од резултатот кој ќе го добиеме на изборите, велат за А1он аналитичарите.
Во изминативе две недели беа објавени анкети кои имаа сосема различни податоци во зависност од тоа кој е нивниот нарачател. Најчесто, тоа се партиите кои редовно добиваат поволни резултати со оглед на тоа што тие ја плаќаат анкетата.
Според нив, инстутите кои ги вршат анкетите се најчесто фиктивни сондажи кои секогаш кога прават истражување се обраќаат на истите луѓе, со што е логично да се добиваат истите резултати, во зависност од тоа кој ја нарачува анкетата.
– Последните месец дена имаме различни резултати, што зависи од нарачката, која е позадината на анкетите. Во услови на страв, диктатура и режим, ниедна анкета не може да излезе точна. Процентот на тие кои не кажуваат е многу висок, што може да направи резултат кој не можеме ниту во сон да го очекуваме, вели за А1он аналитичарот Мерсел Биљали.
Анкетите се вршат од страна на сомнителни таканаречени институти, што е само уште еден доказ дека партиите се обидуваат да им покажат на граѓаните кој е подобар. Во последниот ден во предизборието до кога смеат да се објавуваат, со своја анкета излезе и фантомскиот Институт Димитрија Чуповски, кој освен што нема контакт телефон, нема ни простории од каде би се вршеле анкети, доколку тие навистина се прават.
– Анкетите вообичаено се користат за да можат политичарите да дознаат што мислат граѓаните, до каде се, дали одат во добра или лоша насока. Кај нас се користат како орудие со тоа што партиите се обидуваат да покажуваат колку се пожелни кај граѓаните. Не е важно кој ги прави, каков е примерокот и дали воопшто се прават, вели за А1он професорката Мирјана Најчевска.
Аналитичарите објаснуваат дека единствена цел на анкетите кои излегуваат се да влијаат врз гласачкото тело, што ВМРО-ДПМНЕ најмногу го прави преку своите два фиктивни институти.
Според Биљали, доказ дека резултатите се различни бидејќи стравот кај граѓаните е голем е примерот во Албанија, каде според анкетите пред повеќе од 2 години власта водеше со 8%, а по изборите опозицијата доби дво-третинско мнозинство.
Овие анкетни промашувања не се новост ниту во Македонија. „Институтите“ речиси секогаш ги грешат резултатите, а сите резултати се темелат на 300 испитаници, што е далеку од минималниот репрезентативен примерок
– Минималниот репрезентативен примерок е меѓу 1200 и 1400 испитаници, а доколку се земат и другите етнички заедници, минимумот не може да биде под 1600 испитаници. Стравот кај граѓаните секогаш прави различни резултати, нагласува Најчевска.
Анкетите во Македонија се често манипулативни во изминативе 10 години за да се влијае на гласчкото тело пред денот на избори. Како показател дека ниту на светско ниво анкетите не гарантираат точност се примерите со американските избори за претседател, како и со Брегзит, кога со сигурност се тврдеше дека Обединтетото кралство ќе остане во Европската Унија.
Александар Тодески