“Мислам, значи дишам“, “Шарам во магла те барам“, “Воздух за сите“ се дел од паролите во Градскиот парк каде се протестира поради загадениот воздух. Високото ниво на концентрација на канцерогените ПМ10 честички се забележува повеќе од 2 недели на неколку локации низ главниот град.
Особено населбите кои се наоѓаат на најмала надморска височина, односно Лисиче и Аеродром се погодени од загадувањето предизвикано примарно од издувните гасови на возилата. Покрај Општина Аеродром, високи концентрации на ПМ10 регистрирани се и во Центар и Карпош, каде фреквенцијатан а возила е најголема. Никој досега од властите не презеде мерки за да ја намали загаденоста.
Во повикот за денешниот протест пишуваше:
„Ако ве прашаат зошто протестирате:
1. Имаме најголемо аерозагадување од канцерогени PM2.5 честички во Европа (39.4 mg/m3 годишен просек), според Светска Банка.
2. Четворица Македонци умираат во просек дневно заради загадениот воздух (1350 годишно), според Светска Банка.
3. Во 2015 година, секое второ дете имало респираторни здравствени проблеми според Институт за јавно здравје.
4. Загадениот воздух има ризици врз репродуктивниот систем кај жените: дефекти при раѓање, смрт на новороденчиња, ризик од канцер, според Светската здравствена организација.
5. Кај возрасните граѓани (над 60 години), загадениот воздух предизвикува мозочни оштетувања и „тивок“ мозочен удар што може да предизвика вистински мозочен удар, деменција, депресија и други негативни здравствени ефекти, според Универзитетот во Бостон.“
Како организатори на протестот се јавуваат здруженијата „Скопје Смог Аларм“, „Скопје бара чист воздух“, „Let’s do it Macedonia – Ајде Македонија“, „Сакаме Аеродром да дише“, „No Pasaran!“ и „Во одбрана на Дебар Маало“.