Народот на 11 декември ќе го одбере подоброто за Македонија, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на ИЕ 4 на коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Груевски вечерва на митинг во Радовиш.
Груевски истакна дека за седум дена коалицијата ќе има голема историска победа, не само како резултат туку и заради противникот и неговите планови. Со убедлива победа на изборите со 63 пратеници, посочи, ќе се стави крај на кризата и на планот за мрачни сценарија во државата.
– На една страна има политичка партија која работи, се грижи за граѓаните за зголемување на пензии, социјална помош, носи инвеститори и отвора нови работни места, се труди ја зајакне државата. И на друга политичка партија која се здружува со разни криминално разузнавачи структури и се става во нивни раце, а за возврат бара само да ги донесат на власт. Тоа знам дека нема да го добијат, затоа што колку и да изгледа одлуката комплицирана, во суштина е многу едноставна. Народот ќе одбере реформи, создавање работни места, зголемување на стандард, поддршка на земјоделците. Граѓаните ќе ја одберат Македонија, а не некој сценарист, рече Груевски.
Ветувањата на опозоциската коалиција за странски инвестиции, зголемувањето на просечната плата и враќањето на ДДВ ги оцени како неиздржани. – Последната надеж им е во кажување разни лаги, ветувања извадени од ракав без каква било пресметка и размислување што потоа кога не може да се исполнат, рече Груевски, оценувајќи дека лидерот на СДСМ Зоран Заев, сака да го пренесе во цела Македонија „пакетот на измами, мито, рекет, лажење и недржење до сопствениот збор“, а што било начин на управување и работење во Струмица.
Осврнувајќи се на сработеното Груевски рече дека во последните 2,5 години, иако во услови на криза, се отворени нови 39.000 работни места, што оставало простор и во наредните четири години за нови 70.000 вработувања..Потенцираше дека вкупните странски инвестиции достигнале две милијарди и 600 милиони евра, извозот надминал четири милијарди евра, а над милијарда евра се дадени за поддршка на земјоделците.
Ги претстави плановите од програмата „Реално“ за пораст на минималната плата до износ од 14.000 денари, на платите и пензиите за 10,25 проценти, социјалната помош за 50 проценти, проектите за рестартирање на компаниите жртви на транзицијата, за рурални развојни зони, за поддршка на младите, планираните 600 милиони евра субвенции за земјоделците.
Ќе се градат, рече, шест експресни патишта, 140 градинки, 78 нови спортски сали…Еден од експресните патишта, најави, ќе биде Радовиш – Штип, со четири ленти, и ќе се вика „23 Октомври“. Ќе се доврши и автопатот „Гоце Делчев“ од Скопје до Штип во должина од 47 километри, инвестиција од 206 милиони евра. Најави и обнова на регионалниот пат Штип – Радовиш во вредност од 1,5 милион евра, на стариот пат Радовиш – Струмица до населениете места Воиславци, Сулдурци Калуѓерица во должина од 50 милиони денари, на локалниот пат Подареш-Смиланци со инвестиција од 500 илајди евра. Ветува изградба и на инфраструктура во индустриската зона Долно Рудине, како и магистралниот гасовод Штип-Хамзали-Струмица-Гевгелија.
Новите проекти, посочи, ќе бидат продолжување на претходните, како резултат на кои во Радовиш невработеноста се намалила за 51 процент, исплатени се 20 милиони евра субвенции за земјоделците, изградени се четири нови училишта