ВМРО-ДПМНЕ во новата програма предвидува продолжување на проектот „Купи куќа за млади“ и покрај тоа што досега овој проект не беше одработен до крај и како што е планирано туку е стопиран. Од банките кои преку овој проект соработуваат со Владата велат дека проектот е во прекин поради не исплаќање на субвенциите од страна на досегашната Влада.
Досега, овој проект се базираше на лицата до 29 години, а со новата програма на ВМРО-ДПМНЕ овој проект е предвиден и за лица над 36 години. Големата задолженост на државата е индикатор дека овие субвенции се невозможни и дека овој проект е само уште една медиумска манипулација на ДПМНЕ пред граѓаните.
На средба со граѓаните во Битола, носителот на листата кандати за пратеници од коалицијата „За подобра Македонија“ во ИЕ 5, Антонио Милошоски, изјави дека во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е планирано субвенционирање од 65 отсто од ратата за кредитот кој ќе го подигнат граѓаните преку проектот „Купи куќа“.
И покрај зголемувањето на возрасната граница, овој проект, како што велат од ДПМНЕ е пред се наменет за младата популација во државата чија стапка на вработеност е на најниско можно ниво што би значело дека многу мал број од младите граѓани ги исполнуваат условите за подигање на кредит.
Според истражувањето на „Младинскиот образовен форум“ 45,8 отсто односно речиси половина од невработените се лица на возраст до 29 години, a само 17,9 отсто, или помалку од една петина од младите заработуваат свои пари преку работа.
Покрај невработеноста, друга причина поради која младите не можат да аплицираат за субвенциите е тоа што тие се кредитонеспособни од причина што со години работат со договор на дело и на неопределено време како и примаат плата далеку под просечната во Република Македонија која според владејачката партија изнесува 20.000 денари.
Дури и доколку некој успее да земе кредит од некоја од банките, големи се шансите да банкротира односно да не успее да ги врати позајмените пари на банката од едноставна причина што приватниот сектор е нестабилен и никој не им гарантира на младите дека ќе останат на работа се додека не заврши периодот за исплата на кредитот кој би можел да трае и до 20 години.
Всушност, оние кои ги исполнуваат условите и можат да си дозволат кредит се вработените во администрацијата. ДПМНЕ преку поставените услови индиректно ги селектира оние на кои ќе им помогне да стигнат до свој дом преку субвенционирање, а тоа се партиски лицата кои преку партиски активности успеале да дојдат до редовен работен однос во некоја од државните институции.
Кога се ќе се собере, овој проект се сведува на мала група граѓани кои можат да си дозволат да подигнат субвенциониран кредит и да учествуваат во проектот „Купи куќа, купи стан“.
Ова се само неколку од причините поради кои овој проект е неуспешен. По се изгледа, ваквите проекти се само медиумска пропаганда и манипулација на која граѓаните треба да заклучат дека досегашната Влада прави се’ за младите и за развојот на оваа држава иако во реалноста фактите го покажуваат сосема спротивното.
Виктор Јованов
