Носителот на Изборната единица 3 од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски денеска на средба со граѓани разговараше за спортот во Велес, како да се подобрат досегашните резултати, но и за целокупната спортска инфраструктура која се планира во оваа изборна единица.
Димовскија истакна поддршката што ја добиваат спортските клубови од срана на локалната самоуправа и најави продолжување со градба на нови игралишта, реконструкција на спортската сала Гемиџии, како и голем број проекти во источна Македонија.
– Во Велес во изминатиот период се направи многу околу спортската инфраструктура, се реконструираа објекти, се создаде услов за динамичен развој на спортот, но уште побитно, се поддржа реобновување и финансирање на спортски клубови кои што се натпреваруваат во најврвните спортови, што секако наидува на огромно задоволство на нашите сограѓани, било тоа да е ракометот, одбојката, фудбалот, кошарката, малиот фудбал, рече Димовски.
На средбата стана збор и за проектот од програмата на ВМРО-ДПМНЕ со кој ќе се овозможи фирмите кои ќе се решат да финансираат некој спортски клуб да бидат ослободени од дел од данокот на добивка. Овој проект, рече Димовски, долго време беше баран од страна на спортистите и спортските работници и сега на големо задоволство на сите ќе започне да се применува од јануари следната година.
– Продискутиравме и за концептот за финансирање на спортските клубови преку ослободување на компаниите на дел од оној данок на добивка кои што го плаќаат спрема државата во зависност од тоа во која категорија се натпреваруваат и во зависност од тоа кој спорт е. Ослободувањата на фирмите кои ќе ги помагаат фудбалските, ракометните, одбојкарските, кошаркарските спортови, но и на сите индивидуални спортови ќе се движат и во рамки од 40, 50 отсто од данокот што треба да го платат. Тоа наиде на огромен прием кај спортистите во нашиот град бидејќи тоа е единствениот начин како да се достигнат врвни резултати, рече Димовски.
На средбата се разговараше и за плановите за идни инвестиции во спортската инфраструктура во Велес и во целата изборна единица. – Има огромен број повеќенаменски игралишта што ќе се градат, спортски терени, реконструкција на фудбалски терени по пример на велешкиот, ќе се извршат и во некои други градови, како на пример во Штип и Берово. Ќе се гради затворен базен во Штип, ќе се градат спортски сали во помали општини од типот на Чашка и други помали општини каде што граѓаните се уште немаат адекватни услови. Сметаме дека задоволството за постигнатите резултати досега но и она што е концепт за иднина е на високо ниво, додаде Димовски.