Премиерот Никола Груевски денеска го посети Медицинскиот центар „Роналд Регал“ во Лос Анџелес при што оствари средба со претставници од болницата на која се разговарало за испраќање македонски лекари на обука, но и нивни доктори да вршат обуки во Македонија.
– Нашата главна цел беше да добиеме согласност за испраќање на поголем број лекари од Република Македонија кои што би добиле обука тука, би научиле нови методи, нови лечење, напуштање на некои стари методи кои во Америка веќе се применуваат 10, 15 или 20 години, воведување на нови различни обуки од различен тип во различни делови од медицината. Оваа болница, која е една од поголемите во Лос Анџелес е јавна болница. Меѓутоа исклучително квалитетна болница, болница која практично е на врвот на конкуренцијата на болниците во светот кои што се натпреваруваат по тоа кој има најголеми успеси во пресадување на црн дроб, во лечење на болести од различни видови на канцери, срцеви заболувања и различни други болести, рече Груевски.
Претседателот на Владата информира дека биле примени од високото раководство каде ги искажале нашите потреби и барања, но и оти добиле позитивен одговор.
– Следуваат натамошни разговори меѓу наши претставници и претставници на болницата по кои ќе треба некаде се надевам во првиот квартал во следната година да се потпише меморандум за соработка и да се тргне полека со испраќање на наши лекари кои тука би добиле обука, а исто така и со испраќање на некои лекари од болницата „Роналд Регал“ во Република Македонија за да вршат дополнителна обука на поголем број на лекари, нагласи Груевски оценувајќи ја посетата како успешна.
Посетата на „Роналд Реган“ Медикал центарот во Лос Анџелес е во рамки на неколкудневното роуд шоу на македонската делегација во САД. Претходно македонската делегација посети неколку болници во Детроит и Хјустон.