Со извиците „Оставка, оставка“, неколку стотини лекари специјалисти од цела Македонија, пред Министерството за здравство побараа министерот Никола Тодоров да се извини за вчерашните обвинувања, а ако не, да си поднесе оставка.
Лекарите специјалисти кои во колона од хелиодромот на Клинички центар дојдоа пред зградата на министерот, му порачаа, пред да им се заканува, дека ќе ги гони или апси поради тоа што не ги почитуваат пациентите, добро да си ги прочита Законите.
Тие јасно порачаа дека немаат намера да се откажат од нивните права и дека воопшто не му се плашат на министерот затоа што добро ги знаат Законите и знаат што смеат а што не смеат. Затоа и сите лекари ја носеа паролата – „Знаењето е сила, знаењето е моќ, почитувај го“.
Лекарите ги отфрлија обвинувањата дека не се грижат за пациентите, а уште повеќе дека биле политички мотивирани да протестираат.
„Никаква политичка сила не стои зад нас, освен оваа нашата интелектуална“.
На лекарскиот штрајк се обратија и лекари специјалисти од повеќе градови од Македонија. Сите тие кажаа дека денеска времето е убаво и прегледно и се надеваат дека министерот конечно ќе ги види.
„Невидливите“ лекари сепак отпорот на министерот и одговорноста за тоа ја префрлија и на премиерот Никола Груевски, од кого побараа да го разреши министерот и да се откажат од проектот „Плата по учинок“.
На штрајкот поддршка му дадоа и 17 здруженија на пациенти.