Претставници на работните екипи од меѓународниот проект Bin2Grid – „Претворање на неискористениот отпад од храна во биометан и негово доставување до локалните бензински станици“ беа во посета на компанијата „Везе Шари“ и нејзините индустриски капацитети, каде се користи органскиот одпад од храна за производство на биометан и енергија.
Компанијата „Везе Шари“ во 2013 година ја изгради првата електроцентрала на биогас во Република Македонија „Електро Шари“. Оваа централа произведува електрична енергија од кокошкино ѓубриво. Има моќност од 999 киловати и произведува околу 8 милиони киловат часови електрична енергија годишно.
Проектот Bin2Grid е поддржан од европската програма Хоризонт 2020, каде како партнери од Република Македонија се јавуваат Град Скопје и ЈСП-Скопје.
Главната цел на проектот е промовирање на селектирање на собраниот отпадот од храна од специфични и различни производители на овој вид на отпад (индустрија за храна и пијалаци, угостителството, граѓаните), со цел да се произведува биогориво и да се користи преку локалните бензински пумпи. Се очекува со проектот да се зголеми производството на обновлива енергија, преку одржливо управување со отпадот од храна.
Преку проектот се промовираат технологии и практики за управување со отпад од храна, воедно ќе се поддржат производителите на биогас преку подигање на свеста и доверба во користењето на овој енергенс, како и ќе се сврти вниманието кон овој енергенс како сигурен извор на енергија.
Во рамките на овој проект досега се реализирани поголем број на активности, во вид на размени на искуства и одржување на поголем број на конфернеции и обуки. Ваква обука беше организирана и во Скопје во септември годинава, која беше наменета за индустријата за храна и пијалаци, на тема „Претворање на неискористен отпад од храна во биометан обезбеден преку локална мрежа на пумпни станици“.