Германскиот тим Рајн Некар Левен и официјално го потврди трансферот на младиот македонски ракометар и член на сениорската репрезентација Филип Талевски.
На својата официјална страница, но и преку социјалните медиуми, германскиот шампион Рајн Некар Левен потврди дека од јуни 2018 година, македонскиот репрезентативец Филип Талески е нивни член.
– Мило ни е што можеме да му посакаме добредојде на Филип Талески во нашиот клуб од 2018 година. Талески е еден од најголемите таленти во европскиот ракомет и среќни сме што не одбра нас, пишува во соопштението кое го објави германскиот тим.
Секој млад ракометар сонува да игра во Бундес-лигата, а јас со Рајн Некар Левен не само што ќе го исполнам тој сон, туку ќе играм и во еден од најдобрите клубови во Европа, стои во изјавата на Талески објавена на веб-страната на клубот.
Спортскиот директор на првакот на Германија, Оливер Рогиш потенцира дека клубот доведе еден од најдобрите млади ракометари во Европа и дека Рајн Некар Левен со предвременото негово ангажирање, клубот направи голема работа.
– Воодушевени сме што Филип го одбра Рајн Некар Левен. Тој е голем талент и сака следниот чекор во кариерата да го направи со нашиот клуб, истакна спортскиот директор, Оливер Рогиш.
Талески потпиша тригодишен договор со РНЛ важечки од 2018 година, но не е исклучена можноста и порано да се пресели во Германија.