Франција има најмногу проруски ориентирани пратеници во Европскиот парламент, додека Германија, Белгија и Холандија имаат најмногу антируски претставници, покажува мапата направена врз основа на гласањето на европратениците за резолуцијата за антиевропска кампања во руските и исламистичките медиуми.
Како што објави бриселскиот „Еурактив“, откако ЕП ја усвои таа резолуција на 23 ноември, пратениците се поделени во два табора – оние кои го поддржуваат мислењето дека Русија се движи кон хибридна војна со цел да ја уништи ЕУ и на оние кои сметаат дека усвојувањето на резолуцијата може да биде контрапродуктивно.
Во резолуцијата се истакнува дека ЕУ мора да се спротивстави на дезинформациите и пропагандите на земји, како што е Русија и на „недржавните актери“, како што е ИД, Ал Каеда и други насилни екстремистички групи.
Според таа мапа, само тројца француски европратеници гласале за усвојување на резолуцијата и само осум италијански.
Од друга страна, европратениците од централна и источна Европа, Германците, Белгијците и Холанѓаните биле значително во поголем број за усвојување на документот (од 50 до 70 отсто од нив).
Еурактив наведува дека очигледно во најголем процент против резолуцијата се изјасниле пратениците на Полска, Литванија, Естонија, Унгарија, Хрватска и Словенија, а ниту еден грчки пратеник не ја гласал за неа.
Резолуцијата беше усвоена со 304 гласа „за“, 179 „против“ и 209 „воздржани“, при што пратениците на ЕП предупредија дека пропагандата на Русија и исламистичките терористички групи против Унијата е се посилна.