Продолжуваме заедно напред по новата голема победа на овие избори која ќе ја добиеме. Продолжуваме со реформи и силно темпо во новото историско време пред нас да работиме сплотено за интересите на нашата држава и нашиот народ, за интерсите на сите наши граѓани, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и носител на листата во ИЕ 4 на вечерашниот централен митинг на коалицијата „За подобра Македонија“ во Скопје.
Тој додаде дека изборите на 11 декември се крај на кризата и потенцира дека заедно, сложно и обединето коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на се она што се случуваше и сака напредок.
– Вложени се милиони евра во ова сценарио и кампања на опозицијата. Тие што вложувале во ова, не и мислат добро на државата и на вас, и вие го знаете тоа. Тие кои ја водат кампањата со опозицијата се истите тие кои се одговорни за кризата во државата, што се одговорни за тоа зошто нашата држава тапка во место во евро и евроатлантските интеграции, и кои имаат лоши планови за нашата држава, тука е и опозицијата која е алатка во ова сценарио и чие работење ви е познато многу добро, рече Груевски и додаде дека на изборите народот е главниот столб на оваа држава кој ќе си ја одбрани државата и ќе го отплетка јазолот на оваа криза.
Двојазичност, кантонизација, кодошење на државата, криминали на локално и државно ниво, лажно ветување, потценување на народот се теми својствени за опозицијата.
– Говорат за слобода на медиуми, а корумпираат купуваат и притискаат медиуми, говорат за корупција, а не можат да се одглават од тендери и перење општински пари по принципот едно ваму едно таму. Тоа е истата гарнитура која уништуваше фабрики кои ние сега со проектот Рестартирање на компаниите – Жртви на транзицијата се подготвуваме да ги обновиме, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, народот на Македонија е единствениот кој може да им прати јасна порака и да го запре продлабочувањето на кризата.
– Сега е моментот кога треба да се потрудиме оваа криза на 11 декември да ја затвориме и да ја претвориме во една можност. Тоа е денот кога сите заедно ќе се спротиставиме на ова сценарио кое што се спроведува во Македонија. Бидејќи знае народот што се случува и што сака. Знаеш и ти многу добро што се случува во државата, порача Груевски на митингот.
Тој потенцира дека таа одлука има референдумско значење и оти од тоа каков став ќе се заземе сега ќе зависи каква иднина ќе имаат и во квква држава ќе живеат нашите деца и внуци, генерациите Македонци кои ќе дојдат после нас.
– Кризата не направи посилни, поодлучни, подобри, похрабри. Поспремни да се соочуваме со предизвиците и посветено да продолжиме да работиме, заедно со вас. За нас е важен секој глас и сечие мислење. И ниеден глас не смее да биде потценет. Затоа ние се обраќаме во оваа кампања до сите. Свесни дека до некои ќе допреме но до некои можеби и не, рече Груевски.
Според него, во овие моменти е важно да се обединиме заедно за доброто на Македонија и заедно, како што рече, да го запреме процесот на разнебитување на државата кој почна со политичката криза.
На овие парламентарни избори, рече Груевски, се избира меѓу две алтернативи, две комплетно различни концепции, едната која создаваше кризи и другата која и покрај се, и покрај сите пречки и опструкции се трудеше да работи, да помага, да создава. Едните сееја омраза и поделеност, другите работеа на конкретни проекти и мерки кои го подобруваат вашиот живот.
– Се избира меѓу двајца кои се кандидираат за премиер, меѓу мене и Зоран Заев. Единствениот избор е избор на оној кој ќе сработи повеќе, кој подобро ќе се справи со економските предизвици, со кого ќе се чувствувате посигурно, кој има подобар кадар и програма, кој држи повеќе до зборот, кој ќе отвори работни места и ќе овозможи повисоки плати, пензии, социјална помош, на кого повеќе му верувате, кој ќе биде достоинствен пред уцени, и со кого нема да се срамите кога еден ден ќе погледнеме назад, кој ќе ги штити државните интереси подобро…, напомена Груевски.
Обраќајќи се до неопределените, рече да ги погледнат понудите и програмите, но и целото сценарио и да гласаат слободни и по сопствено убедување. Им порача да не дозволуваат работи кои може лесно да се променат, да им ја попречат големата слика и притоа да не го видат она што може да и се случи на државата.
Груевски се обрати и до оние кои размислуваат да гласаат за помалите партии. – Помалите коалиции се направени наменски со цел да не нагризат нас, мислејќи дека така може да бидеме ослабнати, но секој ден на терен се потврдува нешто друго, народот ова го има прочитано и затоа поддршката за нив ќе биде минорна. Тие нема да имаат ниту еден пратеник, а вашиот глас со тоа ќе отиде во празно, односно ќе отиде во прилог на оние кои се заговорници на ова сценарио во соработка со опозицијата, рече Груевски и додаде дека гласот за нив е глас за опозицијата бидејќи нив ги раководи и поддржува ист центар.
– ВМРО е во вашите срца и самите знаете кој е вистинскиот пат. Ова не е прашање на личности и раководства на партии, туку прашање за Македонија, а кога Македонија е во прашање, ВМРО е секогаш обединето и единствено, посочи на вечерашниот митинг лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Груевски од Скопје на пезнионерите им порача дека пензиите ќе се зголемуваат и грижата ќе остане и натаму преку различни мерки, додека со младите, рече, заеднички ќе се работи за иднината на татковината. – Вие, сте нашата иднина, и вие ќе учествувате во нашите одлуки. Вам ви треба перспектива, можности, нови работни места, подобар стандард, опозицијата тоа не може да го обезбеди, знаете и самите, како што знаете дека ние можеме…, нагласи Груевски.
Посочи дека заеднички ќе продолжат да работат и со земјоделците и дека ќе продолжи грижата за нив уште посилно во следниот мандат. Поддршката ја истакна и за работниците, бранителите, бизнисмените, претприемачите, приватниот сектор…
Тој од митингот во Скопје се обрати и до оние кои се членови и поддржувачи на СДСМ. – Знам дека имаме огромни разлики, знам дека можеби и кај некој од вас има огромна омраза кон нас, и обратно, кај нашите членови кон вас и вашето раководство… Тоа не е добро. И сите ние имаме своја одговорност во тоа. Јас ќе се трудам во идниот период по изборите, да го намалам јазот меѓу Македонците, граѓаните на Македонија, и поделеноста по партиска линија, рече Груевски и обраќајќи се лично до нив ги повика да размислат добро, што и кого поддржуваат.
– Меѓу членовите на СДСМ има искрени луѓе и патриоти кои си ја сакаат сопствената држава, ние го знаеме тоа. Многу од вас имате традиција на поддржување на СДСМ, но знам дека не ви е и на вас пријатно кога го слушате сегашниот претседател на СДСМ, како ги распродава националните интереси, и не го поддржувате во неговите намери. Знам дека ви е сосема јасен неговиот план, и целото ова сценарио на кое овие две години е жртва сиот наш народ, вклучително и вие…сакам да апелирам до Вас, ве молам добро размислете за кого ќе го дадете вашиот глас, направете разлика, и на овие избори, и на овие избори, помеѓу Заев и Македонија, одберете ја Македонија. Суверена, самостојна, за која се бореле и Вашите предци, и за која и Вашите предци, заедно со нашите знаеле да се обединат кога ќе виделе некоја закана за државата. Ние ќе ги подобриме некои наши слабости во наредниот период, и можете да сметате на нас, истакна Груевски.
Потенцира дека има повеќе од 1001 причина зошто да не гласаат за опозицијата и оти тие им нудат над 500 странции полни со причини во својата програма зошто да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Груевски напомена дека нудат огромен број реални проекти и мерки и ги наведе 70.000 нови работни места, зголемување на платите во јавниот сектор, социјалната помош, минималната плата, кредитни линии за бизнисот, нови градинки, училишта,студентски домови, модернизација на здравството, доизградба на започнатите три автопати, изградба на три нови автопати, локални и регионални патишта,
Го спомна и проектот за рестартирање на стопанските капацитети, проектот „Од град во село за нов почеток“, „Рурални развојни зони, субвенции од 600 милиони евра за земјоделците и руралниот развој, целосна гасификација на Македонија,
За проекти во Скопје ги потенцира изградбата на три подземни сообраќајници, набавка на 50 електрични автобуси, дистрибутивна мрежа за природен гас, нов комплекс клиники, основање и изградба на ТИРЗ Скопје 3, нова Гимнастичка сала, отворен базен, затворен базен во Аеродром, импозантен театар на култура во Скупи, субвенции за греење со пелети, за набавка на електрични возила, субвенции за весници, зголемени плати на универзитетските професори, повеќенаменски спортски комплекси, ќе се реализира и ветерната зголемена поддршка од државата за олимписките спортски федерации и македонскиот олимписки комитет, ангажирање врвни тренери од странство во спортските академии, како и инвестиции во компании кои отвораат нови работни места.
На митингот во Скопје присуствуваше и австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц. – Особено ме радува што можам во својство на вашата сестринска партија да бидам вечерва ваш гостин. Особено сме среќни што е Македонија на добар пат кон ЕУ. Што Македонија е многу важен партнер за нас во Австрија, истакна Курц.
Тој изрази благодарност до Македонија за поддршката што ја доби Австрија за бегалската криза.
– Во 2015 година 90.000 бегалци дојдоа во Австрија, а преку еден милион ја минаа нашата држава. Без вашата Влада немаше да бидеме во состојба да ја затвориме балканската рута. Многу сум ви благодарен што не подржавте во оваа особено тешка состојба за нас, рече Курц и во име на неговата австриска народна партија посака многу енергија во изборната кампања.
На митингот се обратија и Никола Попоски носител на кандидатската листа во ИЕ 1, Никола Тодоров во ИЕ 2, Илија Димовски во ИЕ 3, Антонио Милошоски во ИЕ 5 и Влатко Ѓорчев во ИЕ 6.
Попоски рече дека народот точно знае кој гради, кој руши, кој носи и отвора работни места, а кој затвора. – На 11 декември треба да решиме дали Македонија ќе продолжи по патот на развојот и напредокот или сакаме да се вратиме на несигурноста. Дали ќе имаме силна Македонија или Македонија со свиткана кичма, рече Попоски и додаде дека ова е европска држава со европски дух која заслужува да ја водат европски луѓе.
Според Димовски, и во наредните четири години ќе се продолжи да се гради и создава, ќе се градат фабрики и ќе се отвораат нови работни места.
– Дали ќе ги избереме СДСМ кои предизвикаа политички кризи или ќе го одбереме ВМРО-ДПМНЕ кое отвора нови фабрики и носи странски инвестиции. Дали ќе ги избереме СДСМ кои кратат и крадат од пензиите на граѓаните или ќе се избере ВМРО-ДПМНЕ кое секогаш ги покачува македонските пензии, потенцира Антонио Милошоски.
Ѓорчев побара поддршка за 63 пратеници. Заедно, рече сме посилни. Одиме на победа со 63 пратеници.
Тодоров посочи дека се ближи денот кога народот без никакви уцени, слободно и безё притисок самостојно ќе одлучи каква Македонија ќе имаме, Македонија, истакна, заглавена во кризи или Македонија која оди напред. Изборот е едноставен, не сакаме враќање назад, подвлече Тодоров.
