Приврзаниците на Српската радикална партија (СРС) протестираа денеска пред зградата на Претседателството на Србија поради ослободувањето на Рамуш Харадинај, при што го обвинија српскиот државен врв за предавство на националните интереси и ги запалија знамињата на САД и ЕУ.
Радикалот Наташа Јовановиќ ја повика Србија „на нозе“ се додека не се собори „режимот на Томислав Николиќ, Александар Вучиќ и Ивица Дачиќ, бидејќи ја води земјата во предавство и пропаст“.
Таа го обвини шефот на државата дека е предавник и дека е во рацете на Западот, поради што побара оставка од него.
Јовановиќ е уверена дека денешниот собир е најава дека СРС „наскоро ќе го собори од власт“ актуелниот режим.
Нејзиниот партиски колега Немања Шаровиќ нагласи дека Хаг со ослободителната пресуда практично го избрала Харадинај за косовски премиер.
Шаровиќ тврди дека Трибуналот ги ослободува злосторниците по налог на САД, водечките земји од ЕУ, НАТО, но и актуелната власт во Србија.
Големиот број полицајци ги спречија учесниците во протестот да се приближат до зградата на Претседателството, а собирот продолжи со прошетка низ белградските улици.
Притоа запалија и знамиња на САД, НАТО и ЕУ.