Британската Влада соопшти денеска дека во рок од две недели ќе изготви нацрт- регулатива за работење на весниците, во рамките на препораките што ги даде судијата Левисон, во неговиот извештај за културата на работење, однесувањето и моралноста на весниците во Велика Британија, јави дописникот на МИА од Лондон.
Министерот за култура Марија Милер, меѓутоа, рече дека нема да се носи Закон за печатот, затоа што сите препораки во „Левисон извештајот“ може да се имплементираат без озаконување на новинарската работа и функционирањето на весниците и новинската индустрија. Премиерот Дејвид Камерон, во синоќешното обраќање во Парламентот вети брза примена на препораките на судијата, но тој инсистираше дека закон не е потребен, затоа што озаконувањето може да ја угуши слободата на печатот, што е една од основите на секоја демократија. Ваквата позиција на конзервативците во Владата не им одговара на либералдемократите кои се коалиционен партнер, па тие пристискаат за „целосна примена“ на препораките и за озаконување на весниците. Лидерот на оваа партија, Ник Клег кој е заменик премиер, даде своја изјава во Парламентот околу истрагата на Левисон, различна од онаа на премиерот, а денеска се заложи за целосна примена на препораките, без одлагање.
Ставот на либералдемократите е идентичен со опозиционите лабуристи кои притискаат за закон за печатот. Нивниот лидер Ед Милибанд денеска го обвини Камерон дека „ги измамил жртвите“ на аферата за прислушувањето, затоа што не се согласува со закон за весниците. Лабуристите најавија покренување на јавноста за потребата од дисциплинирање на весниците, тврдејќи дека тоа мора да се направи за да „не се повтори случајот со прислушувањето, кога многу невини луѓе беа жртви“ на весниците.
Сите весници, освен „Гардијан“ кој ја брани позицијата на лабуристите, се противат на закон за печатот, објаснувајќи дека тоа ке значи контрола врз печатот и ограничување на слободата на весниците. Сите таблоиди, вклучувајќи го и пролабуристичкиот „Дејли Мирор“ денеска осаманаа без ставање на „Левисон извештајот“ за носечка тема на првите страници, што го покажува нивното противење на неговата препорака за создавање на ново, независно тело што ќе ја надледува работата на весниците. Новинската индустрија барасе задржување на сегашната регулатива, со т.н. „саморегулирање“ и со специјализираната комисија која ги разгледуваше поплаките на читателите и на јавноста за пубикуваните натписи и прилози во весниците.