Министерот за здравство и самиот го најави сценариото за задушување на штрајкот на лекарите за кое А1 пишуваше уште во неделата-да се најдат неколкумина лекари специјалисти од штрајкувачкиот одбор против кои ќе биде покрената постапка за нехумано однесување кон пацинетите.
„Група од доктори, престанала да ги оперира пациентите кои се болни од рак и биле формирани листи на чекање за овие пациенти со загрозено здравје“, рече Тодоров и ова според него е спротивно на Хипократовата заклетва и исто така треба да биде предмет на санкции.
Токму ова како појава го загреваше три дена еден провладин весник, а според сценариото ќе се вклучи уште еден провладин медиум. Пронајдени се и пацинети кои ќе се жалат до Министерството за здравство, а според сознанијата на А1, веќе е договорено и кој судија ќе го води процесот што треба да се отвори во судот. Тодоров преку механизмите на власта сака да се справи со штрајкот за кој тврдеше дека не постои и не го гледа.
Лекарите штрајкувачи знаат за оваа сценарио,но и од нивна страна е договорено сите истовремено да поднесат оставки на работните места, и велат „тогаш нека дојде Тодоров да работи“.
Но и според законските прописи, дали е некој итен случај и дали треба да се оперира или не, одлука носи менаџерот, односно директорот на Клиниката, а не лекарите специјалисти. Од тука, доколку има итни случаи кои треба да се оперираат, лекарите велат дека во ниеден случај ниту биле одбиени, ниту пак во иднина ќе ги одбијат. Со ова, според нив, министерот сака да ги претстави како нехумани и дека не се грижат за пациентите, за полесно да може да преземе насилни мерки против нив, а тоа да го оправда пред јавноста.
Министерот, штрајкот на лекарите рече дека е „политички мотивиран, тоа е креирано незадоволство кај здравствените работници за политичка манипулација и остварување лични цели, а пациентите се жртви на оваа манипулација, третирани се како инструмент и форма на притисок за постигнување на политичките поени“.
Според Тодоров, штрајкот не е етичка основа, тој е само монтажа на опозицијата за да ги компромитира проектите на власта и да го загрози функционирањето на здравствениот систем. Како политичка монтажа, тој нагласи дека штрајкот мора да се прекине, а лекарите да се вратат на своите работни места, доколку не дојде до тоа, истакна дека ќе биде принуден да ги употреби мерките предвидени во законот за вакви ситуации.
„ Жалам што законите во РМ имаат решенија за овие проблеми. Апелирам да не се дојде до примена на санкции кои се предвидени во законите. Ако продолжи целиот овој нехуман третман на некои од докторите ќе бидам присилен да побарам примена на законите многу брзо, веќе на почетокот на наредната недела“, предупреди Тодоров.