Носителот на изборната листа од втората изборна единица од Коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Тодоров и кандидатите за пратеници од оваа изборна листа ги презентираа проектите од програмата „Реално“.
Тодоров истакна дека во рамки на мега проектот за набавка на медицински апарати за сите здраветсвени установи во вредност од 33 милиони евра за целата држава, предвидено е набавка на апарати и за општата болница во Куманово, во вредност од над 900.000 евра.
Посочи дека предвидена е набавка и на нов мамограф, со кој ќе се замени дотраениот, стар триесет години апарат со нов дигитален мамограф.
– Ќе биде ставен во функција за потребите на жените во Куманово и поширокиот регион, имајќи предвид дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените и од тој аспект констатиравме дека има сериозна потреба за обнова на оваа апаратура која што ја имаме во општа болница Куманово, но е веќе застарена и искористена, рече Тодоров.
Во рамките на проектот за набавка на опрема, појасни Тодоров, ќе се набават и дигитални рентгени, повеќе типови на ехо апарати, опрема во делот на гинекологијата, што е неопходна за сериозно подигнување на квалитетот на услуги што се даваат во здравствената установа.
– Во Куманово почнуваме со изградба на нов ургентен центар, веќе сите процедури се завршени и многу скоро ќе започнеме со реализација на она што е ветено во програмата, а тоа е изградба на нов ургентен центар за општата болница Куманово, со што сериозно ќе се подигне нивото на целата општа болница во Куманово, изјави Тодоров.
Најави и реконструкција на оддедлот за физикална терапија во рамки на болницата, по примерот на неодамна реконструираниот оддел за физикална терапија во градската општа болница „8 септември“ во Скопје. Со оваа инвестиција, нагласи ќе се овозможи пациентите да добијат квалитетна услуга во подобрени инфраструктурни услови, со нова современа опрема.
– Во програмата има два исклучително важни проекти за жителите во населените места Романовце и Пчиња. Во програмата е предвидено изградба на канализациона мрежа во Романовце вредна над 900.000 евра и водоводна мрежа во Пчиња, инвестиција вредна над 300.000 евра. И едниот и другиот проект ќе се работат во текот на 2017 година, а градбата би требало да започне во 2018 година, со што ќе се реши едно крупно прашање за жителите кои што живеат во овие две населени места, изјави Тодоров.
Тодоров објави проект кој се однесува и на грижа за слепите и лица со оштетен вид и додаде дека грижата за оваа категорија граѓани, секогаш била на високо место во агендата на Владата и дека така ќе остане и во иднина.
– Во тој сегмент во 2015 година се започна со еден проект за подготовка на аудио книги наменети за слепите лица и лицата со оштетен вид, а досега се изработени 440 аудио книги. Во наредниот период се обврзуваме да изработуваме по 250 аудио книги годишно, односно во период од четири години да се подготват и да се направат достапни за овие лица вкупно 1.000 аудио книги за слепите лица и лицата со оштетен вид. Проектот чини десет милиони денари и ја покажува силната заложба на Владата на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за грижа за оваа категорија на лица, изјави Тодоров.
Носителот на изборната листа и кандидатите за пратеници попладнево ќе одржат мини митинзи и средби со граѓани во неколку населби и села во Куманово.