Судскиот совет на Република Македонија на денешната затворена седница донел одлука да изврши вонредно оценување на кандидатите за претседател на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на Врховниот суд на РМ.
Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, по седницата изјави дека според Законот за судски совет може да се изврши вонредно оценување на кандидатите за претседатели. Додаде дека ваква одлука била донесена бидејќи во изминатите две години, во согласност со новиот Закон за судскиот совет, немало оценување на судиите.
– Со измените на Законот за судски совет од 2015 година, оценувањето на судиите се врши на две години. Имајќи предвид дека последните оценувања биле во 2013 и во 2014 година, а сега е крај на 2016 година, одлучивме во согласност со законските одредби да направиме вонредно оценување, изјави Караџовски.
Додаде дека вонредното оценување ќе се врши со постапка како за редовно оценување, односно судиите ќе добијат решение на кое ќе имаат право на приговор.
За вонредната проверка на кандидатите веќе е формирана комисија, која ќе почне со работа во најкус можен рок.
Краџовски им порача на кандидатите за претседатели на судови да се воздржат од јавни изјави со цел да се зачува угледот на судската функција.
На денешната седница, како што соопштија од Судскиот совет, донесен е Заклучок со кој се задолжува Комисијата согласно Годишниот распоред на работата на Судскиот совет на Република Македонија која е надлежна да ја следи работата на Основен суд Скопје 1 Скопје да преземе дејствија и да изврши извиди во врска со состојбите во Основниот суд Скопје 1 Скопје и да изготви извештај.
Членовите на Судскиот совет донеле Одлука за времено упатување за вршење на судиска функција на судија Емил Глигоров од Основен суд Струмица во Основен суд Берово, за период од шест месеци од денот на упатувањето.