Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) до Основното јавно обвинителство поднел кривична пријава против министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска-Ременски за злоупотреба на службената положба и овластување зашто, како што рече претседателот на ССМ Живко Митревски, врз основа на фалсификуван документ за донесена одлука од наводно одржана седница на Советот на ССМ, таа донела решение за негова смена од претседателското место.
На прес-конференција тој денеска рече дека спротивно од Статутот и Деловникот на ССМ, Ташевска-Ременски и претседателите на четири грански синдикати на 13 ноември одржале седница на Советот на ССМ, за која не биле информирани претседателите на останатите 13 грански синдикати. Тие иницирале отповикување на Митревски и одлуката која, според Митревски, е фалсификуван и некомплетен документ, и била доставена на Ременски. Следниот ден таа врз основа на тој документ донела решение со кое, рече Митревски, „се уважува барањето за упис на промена на лице овластено за застапување на ССМ“, иако документацијата не била потпишана од соодветно надлежно лице, немала печат, ниту архивски број од ССМ.
Според него, се работи за заговор, обид за пуч и преседан невиден во историјата на синдикалното организирање во Македонија, зашто седницата била свикана од претседадавач на Совет, а според Деловникот неа може да ја свика претседателот на ССМ или една третина од вкупниот број синдикати (17).
– Техничката министерка Фросина Ташевска-Ременски во координација со четири претседатели на гранкови синдикати направи обид за пуч и за насилна промена на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија и раководството на ССМ, што е историски скандал од невидени размери, спротивно на основните демократски вредности и темелните меѓународни стандарди за автономност во синдикалното дејствување. Незаконското и кривичното поткопување на органите во ССМ беше спроведено со користење фалсификувана и некомплетна документација, рече Митревски.
Соопшти дека кривични пријави поднеле и против другите учесници – Лазар Георгиевски, вработен во ЈП Комунална хигиена – јавно зеленило, кој го потпишал фалсификуваниот документ каде, рече Митревски, се прикажал како претседадавач на Советот. Кривични поднеле и против четворицата претседатели на грански синдикати. Нив не ги откри во интерес на истрагата, но рече дека биле препознатливи поради блискоста до СДСМ. Од Ременски бара и оставка од министерската функција, а од МВР да ја примени мерката притвор.
Според него, обидот за негова смена на незаконски начин е од причина што на министерката и пречело единството во ССМ и постигнатите резултати во изминатот период. За овој случај, рече тој, раководството на ССМ ќе ги извести амбасадите во земјава и меѓународните синдикални организации.