Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер нема да поднесе оставка, изјави денеска неименуван претставник на извршното тело на ЕУ.
Тој нагласи, дека информаците за оставка на Јункер, кои беа објавени во некои медиуми, се еднострани и извадени од контекст.
Кон крајот на минатата недела, неколку европски медиуми јавија дека во тесен круг Јункер се заканил дека ќе ја напушти Еврокомиисјата пред крајот на мандатот во 2019 година, ако претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц биде принуден да се повлече од неговата функција.
Шулц беше избран за претседател на Европарламентот по изборите во 2014 година со забелешка, дека мандатот ќе му трае две и пол години, односно половина од мандатот на Парламентот.
Тој рок истекува, па останува можноста Шулц да биде реизбран до 2019 година или да се врати во Германија и да ја продолжи таму својата кариера.
Иако Шулц е социјалдемократ, а Јункер е претставник на Европската народна партија (ЕПП), тие не се противници и работат усогласено.
Ако на функцијата претседател на ЕП застане претставник на ЕПП, како што би било ред по заминувањето на Шулц, тогаш десничарите ќе ги предводат трите главни институции во ЕУ – Европскиот парламнет, Европската комисија и Европскиот совет.