Агенцијата за кредитен рејтинг Мудис смета дека и покрај договорот постигнат за грчкиот долг, тој останува неодржлив и голема е веројатноста земјата да стане платежно неспособна.
„Ние стоиме на нашето мислење дека веројатноста од банкрот поради долгот кон приватните кредитори е голема, и со оглед на фактот што 70 проценти од долгот е кон јавни кредитори, само контролирано намалување на главницата од страна на тие јавни кредитори би го направил долгот одржлив“, тврдат авторите на оценката.
По 12-часовниот состанок кој беше трет за неколку недели, министрите за финансии од еврозоната и ММФ се договорија за пакет мерки за намалување на грчкиот долг за 40 милијарди евра, со што до 2020 година тој би се довел до 124 проценти од БДП.